Венгер го објасни концептот за СП на секои две години и зошто тој е во прилог на клубовите
03.09.2021 Septemvri Petok
Арсен Венгер како претставник на ФИФА веќе неколку месеци работи на проектот за евентуална промена во распоредот на големите натпреварувања, односно желбата да има Светско првенство секоја втора, наместо секоја четврта година.
Тоа значи дека заедно со континенталните турнири, секое лето би имало важен турнир, а во интервјуто за „Лекип“, Французинот открива како би изгледала сезоната кога мундијалите би се играле секоја втора година.
– Сакаме да имаме повеќе важни натпреварувања и повеќе неизвесни натпревари, но истовремено и прочистување на натпреварувачкиот календар.
– Идејата е да има квалификациски натпревари само во октомври и март, што значи дека клубовите ќе располагаат со своите фудбалери речиси цела година, а по секое големо натпреварување ќе има време за одмор од барем три недели.
– ФИФА би го намалила бројот на квалификациски натпревари, секоја репрезентација би играла помалку натпревари, концентрирани во октомври и март. Тие месеци би биле резервирани за натпревари за репрезентациите, што би донело тензија која денеска не постои.
– Мислам дека фудбалската јавност веќе не сака квалификации развлечени во период од повеќе од една година, може да ги концентрираме тие натпревари во неколку недели. И натаму работиме на концептот, кој и онака не може да се употреби пред 2028 година, бидејќи веќе е одреден форматот за СП во 2026 година, – истакнал Венгер.
Comments