Велешкиот театар со „Сестрите Прозорови“ вечерва на фестивалот „Војдан Чернодрински“
На сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва во 21 часот во рамки на фестивалот „Војдан Чернодрински“ ќе настапи велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ со претставата „Сестрите Прозорови“ работена според романот „Три сестри“ од А.П.Чехов, како и документаристички материјали и авторски текстови, во адаптација и драматургија на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев.
Првично на програмата беше најавено дека вечерва во тој термин ќе настапи битолскиот театар со претставата „И коњите ги убиваат зар не“, но дошло до ротација на овие двата театри на датумите за изведба на овие претстави, појаснуваат од велешкиот театар за МИА. Оттаму информираат дека нивните актери веќе пристигнале во Прилеп и се подготвуваат за вечерашниот настап со претставата која е во конкуренција за една од наградите.
Претставата „Сестрите Прозорови“ беше прва премиера на Велешкиот театар за сезона 2020 која театарот ја реализира од сопствени средства и премиерно беше изведена лани на 22 јануари на сцената на велешкиот народен театар. Станува збор за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, во кој улогите ги толкуваат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски.
Костимограф на претставата е Раде Василев, а автор на плакатот и рекламниот материјал е Филип Коруновски.
Comments