„Вдовицата Саверини“ – најдобар краток игран филм на 16. издание на „Астерфест“
„Вдовицата Саверини“ на Лоик Гајар од Франција е најдобар краток игран филм на 16. издание на Фестивалот „Астерфест“, што викендов се одржа во Струмица.
„Визуелно елегантно, придружено со реалистична глума, ја нурнува публиката во минатото и изнесува на виделина одлуки кои мора да бидат направени во секојдневниот живот“, е образложението на жирито во состав Ено Милкани, Панајотис Краварис и Јулија Милкова кои на филмот му ја доделија наградата „Златна потковица“ или Гран-при за најдобар краток игран филм.
Наградата „Сребрена потковица“ за најдобар краток документарен филм му припадна на „Најдобриот град воопшто не е град“ на Кристоф Шварц од Австрија, а наградата „Бронзена потковица“ за најдобар краток анимиран филм на „Минувачот“ на Питер Кудизер од Белгија.
Наградата „Ацо Алексов“ за најдобар автор му е доделена на Владимир Перовиќ од Црна Гора за „Мирот на нашата Богородица“. „Прекрасно снимено, со неверојатен звучен дизајн, прикажувајќи многу повеќе од животот на црквата. Психолошка студија за модерниот туризам, која е целосно дигитализирана“, стои во образложението на жирито за филмот на Перовиќ.
Наградата „Ѓорги Абаџиев“ за најдобро сценарио, пак, ја доби Константин Бронзит од Русија за „Тој не може да живее без космосот“ за „прекрасното сценарио за анимација, но со многу чувство на љубов кон идниот човек, чии избори во животот понекогаш тешко можат да се разберат и проголтаат“.
Comments