Васоски за конфликтот со Велкоски: Тој погреши, ама не е исфрлен од клубот
Екипата на Сараево утре има нов предизвик во домашниот шампионат, а во пресрет на истиот тренерот Александар Васоски имаше можност да проговори за конфликтот со капитенот Крсте Велкоски.
Велкоски непримерно се однесувал кон Васоски на средбата против Борац Бања Лука, па поради тоа беше отстранет од првиот тим на Сараево.
Сепак предводникот на бордо тимот денеска ги смири работите и најави дека Крсте наскоро повторно ќе биде заедно со екипата.
-Цела недела говоревме за дисциплината. Крсте погреши, јас го оддалечив од екипата поради однесувањето, ама не е исфрлен од клубот. Прв му честитав кога влезе во десетте најдобри стрелци во историјата на клубот, но правилата за сите се исти. Тој е отстранет од тимот до понатамошно известување, но не е исфрлен од клубот. Мислам дека наскоро ќе биде повторно со нас, -порача некогашниот предводник на Вардар и Академија Пандев.
Comments