top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Васил Мукаетов: Внимателно ги слушам мудростите, досетките и бисерите на децата; Промовирана стихозбирката „Има ли и страна петта?“

08.04.2024 April Ponedelnik

Светот на децата, нивното растење, нивните палавости, мудрости, емоции и разни ситуации, се инспирација за неуморниот писател Васил Мукаетов, кој, деновиве, во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“ ја промовираше својата нова книга „Има ли и страна петта?“. Промотори на изданието беа Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс Ламина“, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, одделенската наставничка Владанка Д. Миче и долгогодишниот пријател на Мукаетов, Мишо Китановски. Извадоци од книгата интерпретираше познатата актерка Снежана Конеска Руси. Стихозбирката „Има ли и страна петта?“ содржи весели и духовити песни за шарениот, љубопитен и разигран свет на децата.

Со стиховите од неговата песна „Зошто да се пишува“, писателот објасни зошто своето творештво им го посветува на најмладите: „Во овие криви светски / ти си запеал – песни детски? / Ако. Со децата ми е лесно. / Тука е сè кристално и чесно/ И: во децата и младината, е иднината!“

– Оваа година одбележувам 30 години од објавувањето на мојата прва книга за деца. Драго ми е што голем дел од моето творештво го посветив на доближување на творештвото на мојот книжевен идол, Марко Цепенков, со новите генерации. Исто така ми е задоволство што пишувам за нив, најважните читатели, децата. Се инспирирам од секојдневната дружба со тие умни глави. Внимателно ги слушам децата што кажуваат, нивните мудрости, досетки и бисери, прераснуваат во најинтересни стихови. Многу е важно да ги слушаме децата што кажуваат, така ќе ги разбереме полесно. Во сите мои песни навивам за сите деца. Детето додека е мало е безгрешно, дури и кога ќе направи беља. Детето треба да се сака повеќе со срце, отколку со рака. Вистината е многу блиска до децата да им попуштаме, но да ги советуваме – рече Мукаетов, кој сподели многу интересни ситуации и разговори со децата и неговите внуци, од кои подоцна произлегле неговите песни.

Кон новата книга и творештвото на Мукаетов се осврна проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која истакна дека авторот, во својата повеќедецениска работа, „постојано се обидува да биде во ритамот на новото дете, со секоја нова збирка прави посвета на новите генерации деца“.

– Преку стиховите, децата учат кои се нивните права и желби, но и обврски. И за големата филозофија, дека целиот живот е постојана лекција и дека секое дете и возрасен секојдневно учи. Дел од песните се вистински мали лекции или толкувачи на помалку познати зборови. Одредени песни може да се читаат како поимник во речник и како неофицијален учебник. Таа низ игра и јазична организација ги објаснува поимите како архаични одамна извадени од употреба, но и нови што ги препознаваат децата или ја открива тајните на природата, ги учи на сообраќајна култура, песнички-приказни за поими од секојдневниот живот, но и од географијата и историјата, односно македонската традиција и култура. Авторот умешно ги вметнал познатите бајки и басни во стиховите, како приказните за Мравката и Штурецот или за Зајакот и Желката. Притоа, создава нови свои поетски басни. Ги опфаќа и емоциите што детето го возбудуваат и го вознемируваат, но и стравот со кој се соочуваат – рече Мојсова-Чепишевска.

На книжевниот настан беа претставени и уште пет други, понови публикации за најмладите читатели од авторот: „Чукни, чукни трипати“, „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Што е, а што не е?“ и „Ај погоди!“. Станува збор за читанки, збирки поезија, гатанки и раскази, кои се во издание на „Арс Ламина – публикации“.

Васил Мукаетов е еден од најактивните македонски автори за деца, кој неуморно твори и во деветтата деценија од својот живот. Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писателите.


0 views

Comments


bottom of page