Вардар со фуриозен старт не му даде никаква шанса на домаќинот Струга
Традиционалниот турнир во Струга е добра подготовка и увертира за секоја нова сезона, па најголем дел од тимовите сериозно си ја сфаќаат задачата уште од самиот старт.
Вардар денеска отвори со победа на струшкиот турнир и немаше никакви проблеми со домаќинот Струга, над кој оствари сигурна победа од 29:17 во меч во кој доминираше и во двете полувремиња.
Фаворизираниот тим предводен од Недановски експресно стави до знаење дека домашниот состав ќе има навистина тешка задача ова попладне, па по почетните 15:8 на полувреме, продолжи во исто темпо и во вториот дел.
Струга даде само еден гол во првите десет минути од второто полувреме и стана јасно дека Вардар ја осигурува победата, која само ја запечати со триумф од 12 гола разлика.
Вардар ќе одмора во следното коло во својата група, додека Струга ќе игра против шведскиот гостин на турнирот, екипата на Ескилстуна Гуиф.
Comentarios