Вардар по две години повторно прволигаш
ФУДБАЛ
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, по две години минати во второлигашка конкуренција, повторно се врати во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), откако во бараж-натпреварот убедливо, со 3-0, славеше против Скопје. Покрај финансиските и другите проблеми со кои се соочуваа во текот на целата сезона, црвено-црните, предводени од тренерот Бобан Грнчаров, на крајот заслужено се радуваа на пласманот во елитното друштво, по двата гола на Дарко Размоски (3. и 50. мин.) и еден на капитенот Дарко Глишиќ (59). Клубот од Автокоманда, пак, предводен од тренерот Мирсад Јонуз, кој во следната сезона се враќа во второлигашката конкуренција, од 37-та минута остана со играч помалку, откако Миле Тодоров доби црвен картон поради фрлање факел кон навивачката група „Комити“. Вардарци по враќањето во Скопје беа бурно пречекани од повеќе свои навивачи, додека со двокатен автобус минуваа низ Триумфалната капија. – Сето време одевме по потешкиот пат кон Првата лига. Ова е победа на нашите навивачи „Комити“, кои беа нашите крилја. Да не беа тие, Вардар не само што немаше да стане прволигаш туку и ќе згаснеше. Преживеавме тежок период, имавме проблеми, си заминаа осум играчи во средината на сезоната, се повреди капитенот Дарко Мицевски, но сепак направивме добар состав, кој ќе биде и респектабилен прволигаш – изјави спортскиот директор на Вардар, Александар Бајевски. Покрај Вардар, во Првата македонска лига влегоа уште Гостивар и Воска Спорт, а прволигашкиот статус го задржаа шампионот Струга, Шкендија, Шкупи, Силекс, Македонија ЃП, Брегалница, Работнички, Тиквеш и Академија Пандев. Г.И.
Comments