top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Варајати“: Манчевски перфектно ја одигра ролјата на ѕвезда на уметничкиот филм

По светската премиера на македонскиот филм „Кајмак“ и трите распродадени проекции на Филмскиот фестивал во Токио, режисерот Милчо Манчевски одржа мастерклас, кој имаше голем одглас кај публиката. Најголемото стручно списание, „Варајати“, објави голем текст посветен на предавањето.

„Милчо Манчевски перфектно ја одигра ролјата на ѕвезда на уметничкиот филм на ТИФФ во четвртокот, кога одржа мастерклас што беше елоквентен, хумористичен, пркосен и по малку заканувачки“, пишува „Варајати“.

Во текстот во кој се цитираат делови од излагањето на Манчевски на мастеркласот, објавен е и советот што им го дава тој на студентите.

„Сите кратки филмови што ги снимив беа обид да купам време и да го научам занаетот. Мојот совет е: Снимај, снимај, снимај! Па снимај уште повеќе. Прави филмови наместо да зборуваш за нив“.

Зборувајќи за креативните предизвици, авторската слобода и одлуките да снима надвор од холивудскиот систем и за тоа дека повеќе му лежи европската врска која публиката ја има со уметникот, на прашањето дали треба да му се биде верен на жанрот, Манчевски, меѓу другото, вели: „Сакам нови предизвици. Мислам, особено за уметниците, тоа те држи буден и жив. А како уметник, суштествено е да си играш како дете. Но, потоа да си многу дисциплиниран во изведбата“.

Тој кажува и за тоа колку му се важни долгиот процес на кастинг на глумци и долгите проби пред снимањето и заклучува: „Енергијата и изгледот на актерот се донекаде важни, но не толку многу“.

Организаторот на фестивалот го покани Манчевски да одржи мастерклас за јапонските студенти и за публиката, укажувајќи му исклучителна чест затоа што тој е единствениот претставник од Европа и од Америка, покрај претседателката на жирито – Џули Тејмур.

„Ние, присутните, бевме поттикнати и инспирирани од начинот на кој размислувате и како му пристапувате на филмот“, рече Шозо Ичијама, програмски директор на Фестивалот, кој го модерираше мастеркласот.

Во публиката, покрај бројните студенти и професионалци, беше и јапонскиот оскаровец Рјусуке Хамагучи, режисер на „Вози ја мојата кола“. Тој дојде да го слушне предавањето и да се запознае со Манчевски. По мастеркласот, двајцата наградувани автори зборуваа подолго за своите индивидуални пристапи кон режисерскиот занает.

Исто така, книгите на Манчевски станаа дел и од библиотеките „Шочику“ и од Националниот филмски архив на Јапонија.

Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември и филмот веднаш ќе биде на редовниот репертоар во сите киносали низ земјава.


1 view

Comments


bottom of page