top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Буфон за проблемите на Италија: Кога ќе ве елиминира Македонија…

15.04.2022 April Petok

Славниот Џанлуиџи Буфон иако веќе длабоко навлезе во петтата деценија од животот и понатаму не се откажува од фудбалот и секојдневните задачи и предизвици кои од 2021 година ги извршува во Парма.

Буфон се уште има голема желба и амбиција да биде активен, па останува да се види до кога навистина ќе издржи или поточно кога ќе се реши да ги остави ракавиците. Меѓутоа иако е во натпреварувачки ритам тој веќе некоку години не е дел од репрезентацијата на Италија за која настапуваше две децении (сениорската).

„Аѕурите“ во изминатиов период добија тежок удар откако не успеаа да дојдат до билет за СП, односно во баражот налетаа на нашата Македонија која им пресуди во полуфиналето во Палермо. На Италијанците ќе им биде потребно уште време да закрепнат од шокот, но во меѓувреме Буфон направи анализа на проблемите на италијанскиот фудбал.

-Кога Словачка не елиминира од Светското првенство во 2010 година, сфатив дека некои работи се сменија и дека ќе треба да почнеме да го славиме пласманот на Мундијалот. Оттогаш имавме периоди на илузии, па славни моменти кога го освоивме Европското првенство, ама и покрај тоа не згрешив. Обединети сме, знаеме да се „стиснеме“ и да се обединиме во тешки времиња, но кога не сме супермотивирани, можеме да загубиме од секого,-вели Џиџи и додава:

-Манчини беше главниот архитект на нашата преродба, освојувајќи го Европското првенство. Ама и тој е одговорен за овој тежок удар. Постојат многу причини поради кои можете да изгубите. Никој не би рекол ништо доколку Италија загубеше од Португалија на пенали, но кога ќе испаднете од Македонија… Потоа е многу потешко да се почне од почеток, -оцени Буфон.


1 view

Komentar


bottom of page