„Бумбар и штикла“ – изложба на цртежи на Миле Ничевски
Во кафе-барот „наГоре“ (Нагоре) во Струмица е отворена изложбата „Бумбар и штикла“ на Миле Ничевски. Ова е шеста изложба годинава на Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, дел од проектот #ЅидНаУметноста, кој има цел да презентира актуелни ликовни уметници од Македонија пред струмичката јавност и пред сите заинтересирани за тековните визуелни достигнувања на нашата уметничка сцена.
Миле Ничевски е добро познат на ликовната сцена во Македонија, тој е визуелен уметник што, освен делата на платно, најчесто ги користи стрипот, карикатурата, колажот, муралот и најразличните скици и цртежи преку кои со едноставни линии знае да пренесе одредени приказни, амбиенти и директни пораки, кои отворено комуницираат со гледачот. Тој креира уметнички дела што се поврзани со времето и просторот кога се создадени, а неговиот автентичен и авангарден пристап го става на листата на најважните актуелни ликовни уметници на денешницата.
– Мајсторски прави пресек на одредени ситуации од секојдневието, а честопати знае да ги искомбинира со симболи и знаци што ја дополнуваат самата композиција, додека пораките што некогаш ги вметнува во своите дела доловуваат една особеност, која не ве остава рамнодушни. Со основни елементи тој перфектно гради разиграност преку динамични сцени, кои на момент можат да бидат исчитани како сатирични, социјални, традиционални, романтични или еротски, но ете како неговиот ликовен израз во целост може да се дефинира како ангажиран од многу аспекти – информира Митко Гогов.
Неговиот пристап е наивистички, симплифициран, а цртежите лаконски презентираат уникатна магичност, која се граничи со суровоста и бруталноста, која како предизвик ја живееме, истовремено допирајќи до историографското минато, но и современиот тек на обичниот човек, разоткривајќи ги повеќето лица на моментот што го проживува.
– „Бумбар и штикла“ претставува селекција од цртежи преку кои тој воспоставува контакт со нашите предрасуди, стравови, изненаденост, илустрира моменти меѓу сонот и јавето, меѓу реалното и имагинацијата, дијалогот што го гради со самиот себе како креатор и посматрач, храбро нижејќи го невозможното во целината на гледливото и возможно. Миле Ничевски преку овие цртежи документира една вистина што многумина сакаат да ја избегнат, открива светови што најчесто повеќето ги кријат, остроумно доловувајќи ја перцепцијата на колективната меморија отаде земното и разбирливо. Со најпристапните материјали што му се на дофат (молив, креда, маркер, дрвени боички, фломастери…) тој се расприкажува како длабокоумен писател, кој отвора универзални портали, свесно поместувајќи ги границите на визуелното – пишува Митко Гогов.
Миле Ничевски дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Скопје – на Одделот за графика, а магистрирал на ЕУРМ, по предметот Визуелни комуникации. Уште од студентските денови започнува да објавува стрипови, се занимава со сликарство, вајарство, графички дизајн и илустрација, а исто така објавува стрипови и цртежи во специјализирани списанија и активно учествува на македонската културно-уметничка сцена. Неговите дела, освен во Македонија, се изложувани во Берлин, Тексас, Париз и други светски одредишта како дел од групни изложби на македонски уметници на меѓународни ликовни манифестации.
Добитник е на голем број награди и признанија за својата работа како сестран уметник, учесник на над дваесетина домашни и меѓународни ликовни колонии, настапи во живо и фестивали, има реализирано повеќе самостојни изложби, а бил дел и од огромен број групни изложби.
Comments