top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Букеровата награда заврши во рацете на Дејмон Галгут

Јужноафриканскиот писател и драматург Дејмон Галгут ја освои престижната Букерова награда за белетристика за својот роман „Ветување“. Галгут, кој претходно беше номиниран во 2003 и 2010 година, ја подигна наградата од 50.000 фунти на свечена церемонија во средата. Тој двапати се најде во потесниот избор за оваа награда, овој пат успеа во третиот обид со семејната сага и мистерија во центарот на приказната, што наиде на пофалби од литературните критичари. Медиумите коментираат „трета среќа за Дејмон“ . „Ветување“ е негов деветти роман и го следи патот на едно јужноафриканско семејство во текот на четири децении од ерата на апартхејдот до денес. Претседавачот на судиите, Маја Јасаноф, романот го опиша како a tour de force. „Комбинира извонредна приказна, богати теми и историја од последните 40 години на Јужна Африка во неверојатно добро изработен пакет“, рече таа. Насловот на книгата се однесува на ветување дека црна слугинка на бело семејство ќе ги добие куќата во која живее и земјата на која се наоѓа куќата. Книгата е приказна за бело семејство што живее во Јужноафриканската Република и кое децении, по смртта на таткото – глава на семејството, се расправаат за правото на неговата семејна куќа. Пред смртта таткото ја оставил куќата на нивната црна слугинка. „Ми требаше долго време да стигнам овде и сега се чувствувам како да не треба да бидам тука. Ова беше одлична година за африканската литература и би сакал да ја прифатам наградата во име на сите раскажани и нераскажани приказни на писатели што ги знаете или за кои не сте слушнале, од извонредниот континент, чиј дел сум и јас. Ве молам, продолжете да нѐ слушате, доаѓаат уште многу приказни“, порача Галгут, како што пренесува „Ројтерс“.



2 views

Comentarios


bottom of page