top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Буица“ со македонскиот виолинист Даниел Лазаревски, концерт во Филхармонија

Оркестарот на македонската Филхармонија, утре, во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Буица“ на кој како солист ќе настапи македонскиот виолинист Даниел Лазаревски. Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во де-мол од Арам Хачатуријан и симфониската суита „Шехерзада“ од Николај Римски-Корсаков.

Арам Хачатуријан започнал да работи на Концертот за виолина и оркестар во де-мол, посветен на Давид Ојстрах во летото 1940 година, и го завршил за само два месеци. Премерната изведба на делото се случила на 16 ноември 1940 година во Москва со оркестарот на Државниот симфониски оркестар на СССР под диригентската палка на Александар Гаук, како дел од десетдневниот фестивал на советска музика на која и Дмитри Шостакович премиерно го претставил својот „Квинтет за пијано“. Концертот изобилува со виртуозност, со интензивна мелодиска звучност и егзотика. По неколку децении од создавањето на ова дело, повторно се враќа сјајот на овој концерт, преку големиот интерес на виолинистите за негова изведба.

Симфониската суита „Шехерзада“, рускиот композитор Николај Римски-Корсаков ја напишал во 1888 година и се базира на приказните од „Илјада и една ноќ“ (познати и како „Арапски ноќи“). Оваа суита е едно од најпопуларните дела на Корсаков. Во суитата „Шехерзада“ овој руски композитор ја покажал својата доминатност како мајстор на оркестрацијата, како автор кој создава чист, но во исто време и длабоко емотивен звук кој се движи како голем музички бран кој станува се’ побогат и се’ поголем и поинтензивен. Суитата премиерно била изведена во Санкт Петербург во 1988 година, под диригентската палка на композиторот. Нејзината популарност, од првата изведба, па се’ до денеска, лежи во богата оркестрација и бои, свежите и пикантни мелодии, умерениот ориентален звук и ритмичката виталност со кои Римски -Корсаков успеал музички на најсовршен начин да го илустрира наративот од „Илјада и една ноќ“.

Даниел Лазаревски како солист настапувал со оркестарот на Македонската филхармонија, со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а исто така реализирал и настапи на фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“. Бил концерт мајстор на Младинскиот симфониски оркестар и Гудачкиот камерен оркестар на ФМУ, на Младинскиот гудачки оркестар од Црна Гора, прва виолина во Оркестарот на Музичка Младина на Македонија, во Европскиот гудачки оркестар во Шведска, во меѓународниот оркестар „No Borders“ со кој настапува во Србија, Франција, Словенија, Германија, и со кој остварува снимање на компакт диск во издание на престижната издавачка куќа „Дојче грамофон“. Од 2013 година е вработен како прва виолина во оркестарот на Филхармонијата. Добитник е на повеќе меѓународни награди.


1 view

Comments


bottom of page