Бугарија и на браќата Манаки им најде замерка?!
Деновиве од Бугарија пристигна нова провокација, и тоа поврзана токму со браќата Манаки. Поранешниот бугарски министер за одбрана и нов амбасадор во САД, Георги Панајотов, во интервју за „Гласот на Америка“ вели дека Манаки имаат одговорност за депортацијата на Евреите од Битола во 1943-тата година?! Инаку, во 1906 г., браќата Манаки, кои биле родени во Егејска Македонија, а живееле во Битола, учествувале на Големата јубилејна изложба во Букурешт, Романија, а од романскиот крал Карол Први биле назначени за официјални фотографи на кралскиот двор. Според сеќавањата на Милтон, некаде во тоа време Јанаки од Лондон ја донел филмската камера, со што „започна“ кинематографијата на Балканот
Биографијата на браќата Манаки, Милтон (1882 Авдела, Егејска Македонија –1964, Битола) и Јанаки (1878-1954), филмски пионери не само во Македонија туку и пошироко на Балканот, е повеќе од интересна. Токму по повод 140 години од раѓањето на помладиот брат Милтон, во Кинотеката во Скопје во тек е изложба на која се претставени дигитализирани фотографии од фотографскиот опус на браќата Манаки. Автор на оваа изложба е Роберт Јанкулоски (1969), фотограф, режисер, кинематографер и проучувач на историјата на фотографијата на овие простори.
Деновиве од Бугарија пристигна нова провокација, и тоа поврзана токму со браќата Манаки. Поранешниот бугарски министер за одбрана и нов амбасадор во САД, Георги Панајотов, во интервју за „Гласот на Америка“ вели дека Манаки имаат одговорност за депортацијата на Евреите од Битола во 1943-тата година?!
Тој прашува „како е можно браќата Манаки да се слават како херои во сегашната Северна Македонија кога тие одиграле клучна улога во регистрацијата на битолските Евреи кои требаше да бидат депортирани?“ Панајотов се согласува дека за време на Втората светска војна Бугарија ѝ била сојузник на Германија, но вели дека „привремено управувала со делови од северна Грција и тогашна Југославија, но немала никаков суверенитет над овие земји, а по војната им исплатила репарации на двете држави“.
Според историчарот и битолчанец Александар Литовски, пак, „Бугарија се обидува да ја тргне одговорноста од себе за сите злодела кон еврејското, но и кон македонското население и да ја префрли на локалните жители“.
Провокацијата доаѓа во време кога Мешовитата комисија мора да ги реши сите историски прашања кои се камен на сопнување меѓу двете држави, како услов за евроинтеграциите.
Инаку, приказната за почетоците на работата на браќата Манаки која ги прославила низ светот, започнува, всушност, со Јанаки, кој работел како професор по цртање и калиграфија. Тој во 1989 г., во Јанина, отворил фотографски дуќан и таму започнала заедничката работа на браќата. Милтон го изучувал фотографскиот занает токму таму, под менторство на својот постар брат Јанаки. Во 1905 г., браќата се преселиле во Битола, тогашен Монастир – важен политички, економски и културен центар во румелискиот вилает на Отоманското Царство, каде што го отвориле познатото Ателје за уметничка фотографија. Речиси 15 години подоцна, го изградиле и го отвориле киното „Манаки“, кое, со кратки периоди на затворање (поради пожар, банкротирање и слично), работело од 1921 до 1939 година.
– Во 1906 г., браќата Манаки учествувале на Големата јубилејна изложба во Букурешт, Романија, каде што биле наградени во неколку категории за своите фотографски достигнувања, и од романскиот крал Карол Први биле назначени за официјални фотографи на кралскиот двор. Според сеќавањата на Милтон, некаде во тоа време Јанаки од Лондон ја донел филмската камера – производство на компанијата „Charles Urban Trading“, и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Со неа „започнува“ кинематографијата на Балканот, и со таа „камера бр. 300“, тие најпрвин ја снимиле својата баба Деспина како преде волна во Авдела (родниот град на Милтон Манаки), а набргу потоа и цела низа настани, народни обичаи, свадби и погреби, познати и историски личности, делегации, кои наминувале, случајно или намерно, во регионот кој во тој период минувал низ турбулентни години исполнети со војни, судири, политички превирања“, велат од Кинотеката.
Посетата на турскиот султан Мехмед Решад Петти, потоа на српскиот крал Петар и принцот Александар, на грчкиот крал Константин и принцот Павле, погребот на грчкиот владика Емилијанос, турските репресалии по Илинденското востание, доаѓањето на англиските и на француските генерали по завршувањето на Првата светска војна, парадата на Широк сокак во чест на Младотурската револуција и многу, многу други настани засекогаш биле запишани на филмска лента благодарение на браќата Манаки. Преку нивниот фотографски објектив се овековечиле речиси сите позначајни битолчани, многу занаетчии и еснафи, воен персонал од сите војски што поминеле на оваа територија, победници и поразени, освојувачи и поробени, револуционери и функционери. Фотографирале насекаде во регионот, па и во Пловдив, Корча, Гревена, Авдела, Солун, итн.
По смртта на Јанаки, во 1955 година, Милтон ја депонирал целокупната филмска и фотографска оставина во Државниот архив на тогашна ФНР Југославија. Во 1976 г., по основањето на Кинотеката на Македонија, филмските ленти се предадени на чување во нашиот национален филмски архив, и во текот на изминативе децении беа реставрирани и заштитени со архивски копии, а во 2011 и дигитализирани, дигитално реставрирани и прогласени за национално културно наследство.
Фотографскиот опус, пак, денес се чува во Државниот архив, односно во Одделението на Државниот архив во Битола, а со заложба на Роберт Јанкулоски и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) – поголем дел од овие материјали се и дигитализирани, па и прикажани во рамките на неколку тематски изложби на Балканов и во Македонија.
По повод јубилејот, покрај најавената изложба, на 7 септември (среда), на последниот ден од Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотеката, посетителите на проекциите на трите етнолошки документарни филма на Вера Кличкова ќе добијат ДВД со дигитално реставрираните филмови на браќата Манаки.
Во тек е постапка за прогласување на комплетната архивска граѓа од фондот на браќата Манаки во Државниот архив на Македонија – за културно наследство од исклучително национално значење. (Д.Т.) Фото: Ѕ. Плавевски
Comments