top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Бронзени медали за Блажевска и Богдановска

ЏУДО – ПО ПРВИОТ ДЕН НА БАЛКАНИЈАДАТА ЗА КАДЕТИ ВО КРУШЕВО

Вчера првенството продолжи во преостанатите тежински категории, како и во екипна конкуренција, каде што настапија и другите македонски претставници, а финалните борби беа доцна попладне

Македонските репрезентативки Георгина Блажевска (тежинска категорија до 44 кг) и Ива Богдановска (до 57 кг) постигнаа голем успех закитувајќи се со бронзени медали по првиот ден на Балканското првенство во џудо за кадети, што викендов се одржа во Крушево, во конкуренција на повеќе од 400 натпреварувачи од 10 земји. Вчера на програмата беа борбите во преостанатите осум тежински категории (по четири во машка и во женска конкуренција), како и во екипна конкуренција, каде што настапија преостанатите репрезентативци од македонската експедиција, која имаше 21 натпреварувач, предводена од селекторот Дејан Мицкоски. – По одржувањето на прелиминарните борби во саботата во 16.30 часот следуваше свеченото отворање, каде што покрај претседателот на Балканската џудо-федерација, присуствуваа и претседателите на повеќе балкански џудо-федерации, како и јапонскиот амбасадор во Македонија. Во однос на џудо-борбите беше вистинска привилегија да се гледа вакво квалитетно џудо презентирано од најдобрите натпреварувачи на Балканот. Македонската репрезентација во повеќе тежински категории рамноправно се носеше со своите врсници и шампионите од Балканот, каде што се освоени и два бронзени медала во женска конкуренција, а селекторот Мицкоски најави дека сите македонски освојувачи на медали на ова БП ќе добијат стипендии обезбедени од ЏФМ. Во беспрекорна организација, сите пристигнати гости и натпреварувачи се сместени по сите протоколи, а спортската сала е подготвена и опремена по сите стандарди. Ова БП дефинитивно е со најголем број натпреварувачи и со најголем квалитет досега – информираат од ЏФМ. Г.И.


0 views

Comments


bottom of page