top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Бронза за Магомедов

БОРЕЊЕ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ЗАГРЕБ

Македонскиот репрезентативец Ахмад Магомедов (категорија до 79 кг), постигна голем успех на Европското првенство (ЕП) во борење слободен стил, во Загреб (Хрватска), освојувајќи бронзен медал. Во борбата за третото место, Магомедов (28) го совлада Ерменецот Арман Авагјан со 7-3. Магомедов во првото коло го победи Молдавецот Станислав Новац (8-0), но во 2. коло загуби од Гркот Георгиос Кугиумцидис (3-5), кој потоа се пласира во финалето, а Магомедов доби можност за репасажна борба, која ја искористи, победувајќи го Шпанецот Габриел Рамос (10-0), по што следуваше борбата за третото место. – Магомедов можеше да се бори и во финалето, но во неизвесна и исцрпувачка борба со грчкиот натпреварувач, кој патем е и актуелен европски првак, загуби во второто коло, но подоцна во репасажот доби шанса, која успеа да ја искористи. Беше тешко, но, сепак, успеа. Од ЕП не се освојуваат бодови за Летните олимписки игри, тоа е можно само од светски првенства (СП), каде што до петто место се освојуваат олимписки норми. Годинава на СП во Белград во септември можеби тоа ќе ни се посреќи – вели селекторот на македонската репрезентацијата, Бобан Данов. Данов е задоволен од настапот и на другите македонски борачи. – Настапивме во помлад состав и сите добро се бореа, имаа тешки противници со кои меѓусебно добро се познаваат, а каде што нијанси одлучуваа кој ќе победи. Сега останува првпат да настапат и македонски борачки на ЕП, и тоа Вероника Рјабоволова (до 50 кг, вчера) и Марија Спирковска (до 53 кг, денеска), од кои исто така очекувам да прикажат добри борби, кои ќе им донесат и што повисок пласман – изјави Данов. Боите на Македонија на ЕП 2023 за мажи ги бранеа и Магомедгаџи Нуров (до 97 кг), Владимир Егоров (до 61 кг), Фати Вејсели (до 70 кг), Расул Шапиев (до 74 кг), Дејан Митров (до 86 кг) и Реџеп Хајдари (до 92 кг). Г.И.


2 views

Σχόλια


bottom of page