Британците планираат да испратат свој екипаж во орбитата
Четворица британски астронаути наскоро треба да отпатуваат во орбитата и тоа ќе биде целосно британска мисија. Американската компанија „Аксиом“, која организира посети на Меѓународната вселенска станица, работи на планот по потпишувањето меморандум за разбирање со Британската вселенска агенција. Проектот ќе чини најмалку 200 милиони фунти, но идејата е да се финансира комерцијално, односно да не се користат парите на британските даночни обврзници.
„Аксиом“ е во преговори со корпорации и институции заинтересирани за финансирање. Последниот човек од Велика Британија што патувал во вселената беше Тим Пикс, и тоа на Меѓународната вселенска станица како астронаут на Европската вселенска агенција во 2015 година, пишува „Би-би-си“.
– Ова е возбудлива можност и навистина уникатна. Никој не направил „национална мисија“ комерцијално како оваа. Тоа е нов модел што ќе ја формира основата на новото вселенско патување во иднина – рече Пик.
Сè уште има малку детали, екипажот сѐ уште не е избран, а нема ниту јасен план. Во моментов, „Аксиом“ во своите мисии користи капсули на компанијата „Спејс екс“ за патувања до ИСС, но британскиот екипаж всушност може да орбитира околу Земјата во капсулата неколку дена и да спроведе научни експерименти пред да се врати дома.
Американската вселенска агенција НАСА инсистира на одредени услови во случај на мисии за посета на ИСС, меѓу кои е и вклучување искусен астронаут во екипажот, меѓутоа, многу малку Британци го исполнуваат овој услов, а Пик е очигледен кандидат за командант на мисијата.
„Аксиом“, која беше основана од поранешен функционер на НАСА задолжен за ИСС, досега водеше две мисии, а третата ќе биде лансирана следната година. Претходните мисии беа можност за богати поединци и астронаути финансирани од Владата, кои не се дел од стандардните ротации на екипажот на станицата. Сѐ уште не е познато кога британската екипа ќе отпатува во вселената. Мисијата мора да биде целосно испланирана, а средствата да се обезбедат. НАСА има ограничен број места достапни годишно за комерцијални патници и тие се мошне скапи.
Comments