Британскиот фестивал „Грејт ескејп“ ја прогласи музичката конференција ПИН за најдобар нов настан
Македонската музичката конференција ПИН се закити со значајна награда во Велика Британија, доделена од страна на водечкиот европски фестивал на нова музика „Грејт ескејп“.
Со ова признание, годинава имаме чест да ја најавиме конференцијата ПИН како актуелен победник во категоријата „Најдобар нов настан“ на Годишните награди за музички конвенции (ЈМКА), кои се доделуваа на славниот „Грејт ескејп“ во Брајтон, велат од „Пасворд продакшн“.
– ПИН е многу добро организиран настан со квалитетни артисти, кој се одржува на одлична локација во навистина убав град. Силната регионална и интернационална компонента на ПИН е исто така главна придобивка – изјави по овој повод Мартин Елбурн, креативниот директор и коосновач на „Грејт ескејп“, кој и самиот беше еден од делегатите на претходните изданија на конференцијата.
Новото издание на ПИН со оваа титула станува славеничко издание, а ќе се одржува од 24 до 26 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје.
ПИН е првата и сѐ уште единствена меѓународна музичка конференција во Македонија, која започна да ја испишува својата приказна во 2012 година и која на едно место ги обединува сите засегнати страни, професионалци и вљубеници во музиката и музичката индустрија, експерти, уметници, изведувачи, новинари, културни дејци, промотори, менаџери, агенти…
– Програмата на ПИН 2022 ќе биде наскоро објавена, а во листата на учесници годинава се очекуваат повеќе од 30 музички изведувачи од цела Европа, кои ќе одржат концерти во шоукејс-програмата, како и повеќе од 200 делегати од музичката индустрија со кои во панелите ќе го споделиме искуството и ќе го продлабочиме знаењето за актуелни, иновативни и влијателни теми во музичката индустрија – велат организаторите.
Comments