top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Брилијантната ексцентричност на Малкович ја воодушеви публиката во Антички

Славниот американскиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович, вчеравечер, во Античкиот театар во Охрид, приреди уникатно сценско доживување за присутната две и пол илјадна публика. Во рамките на 63. Охридско лето, публиката уживаше во неговата брилијантна ексцентричност, но и во целосната чистина преку неговиот настап во „Пеколна комедија: исповеди на сериски убиец“, која е возбудливо дело на театарот, напишана и режирана од Михаел Штурмингер. Солисти на вечерта беа сопраните Чен Реис и Сузан Лангбејн, во придружба на оркестарот на Виенската академија и под диригентство на маестро Мартин Хазелбoк.

„Оваа претстава ја сакам како што ја претставивме, бидејќи ги поврзува и театарот, и класиката и глумата, а претставува нешто иновативно што ја привлекува публиката“, изјави ден претходно познатиот актер Џон Малкович, кој првпат настапува во земјава, токму на фестивалот Охридско лето.

Директорката на најголемата културна манифестација во државата, Наташа Поповиќ, пак, истакна дека фестивалот е предизвик, секоја следна година изданието да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и да се надградува со нови креативни соѕвездија, кои го обележуваат неговото место како најпрестижна уметничка сцена, но и како препознатлив уметнички симбол насекаде во светот.

Американската вечер на Охридско лето се одржа со поддршка од Амбасадата на САД во државава. Заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер, рече дека американската амбасада има долга историја на соработка со Охридско лето, но и со многу други организации во Македонија со цел да ги засили врските преку програми што ги поддржуваат македонското граѓанско општество и културните и образовни институции.

„Низ годините наназад, на сцените на Охридско лето сме ги прикажале најголемите културни богатства, вклучувајќи ги госпел и џез-музиката, преку настапите на џез-легендите како Артуро Сандовал, класичниот виолинист и виртуоз Шломо Минц и многу други. Тие, можеби, донеле американска музика во Охрид, но излегле со балкански песни во своите срца“, кажа заменик-амбасадорот на САД, Мејер.

Со проектот „Вечер на Џон Малкович“, оценет како најексклузивен гостин на Охридско лето, холивудскиот актер предизвика огромен интерес кај публиката. Токму за овој настан беа направени бројни резервации од целиот регион, но и од Бразил, Холандија, Франција, САД и од многу други земји.




1 view

Opmerkingen


bottom of page