Брендан Фрејзер се расплака кога неговиот прв филм по 9 години доби овации
Брендан Фрејзер повторно беше во центарот на вниманието на филмскиот фестивал во Венеција добивајќи пофалби за улогата во новиот филм на Дарен Аронофски, „Кит“ (The Whale). Актерот ја задржа присебноста додека чекореше по црвениот тепих на Венецискиот фестивал, а во текот на премиерата во киносалата тој се расплака по шестминутните овации од публиката, пишува „Вараети“. Актерот се држеше далеку од светлоста на рефлекторите по претрпените физички проблеми од изведувањето многубројни акробации на екранот. Сега тој се врати на големото платно за улога за која многумина веруваат дека би можела да биде кандидат за „Оскар“. Фрејзер го глуми Чарли, хомосексуалец тежок речиси 136 килограми, кој чувствува дека на неговиот живот му се ближи крајот. Фрејзер беше толку трогнат од реакцијата на филмот што едвај стана додека публиката аплаудира по почнувањето на завршните шпици на филмот. Во текот на прес-конференцијата Фрејзер изрази благодарност за топлиот прием. „Се радувам дека овој филм остави длабок впечаток кај сите како што остави на мене“, рече тој, пренесува „Њујорк тајмс“. Фрејзер се присети дека морал да носи голема количина протези, понекогаш тешки и до 150 килограми, за да го портретира Чарли, повлечен лик базиран на театарската претстава Off-Broadway на Семјуел Д. Хантер од 2012 година. „Морав да научам да се движам на нов начин. Развив мускули, кои не ни знаев дека ги имам. Имав вртоглавица на крајот од денот кога ми ги отстрануваа протезите,“ рече Фрејзер.
Comments