Бредли Купер во новиот научнофантастичен филм
Долг е патот за поединечни адаптации од печатени страници до нивните филмски или сериски верзии. Таков е случајот со „Хиперион“, кој Бредли Купер како продуцент конечно ќе го донесе на големото платно. Славниот актер и режисер својата желба да го адаптира ова дело на писателот Ден Симонс ја најави уште во 2011 година, а потоа во 2015 година соработуваше со каналот Сај-фај за да создаде истоимена серија. Меѓутоа, таа најавена адаптација сега се пресели во рацете на компанијата „Ворнер брос“, која од неа ќе сними филм, но сепак со помош на Купер. Имено, популарниот актер објави дека основа сопствена продукциска куќа, чие име сѐ уште не е познато, а која ќе му овозможи да добие подобра играна адаптација на оваа приказна. „Хиперион“ е првата книга од научнофантастичниот серијал „Спев за Хиперион“, кој е модерен римејк на Кантербериските приказни.
Кога избива војна, која се заканува да ја загрози меѓугалактичката хегемонија, седум патници пристигнуваат на планетата Хиперион, дом на чудно метално суштество наречено Шрајк. Секој го бара од свои причини, а тој го чека нивното доаѓање. Сето ова е претставено преку филозофска приказна за многу важни теми и со многу ликови и временски рамки. Првите два романа од серијалот, „Хиперион“ и „Падот на Хиперион“, изгледаат идеални за филмскиот третман што го има филмот „Дина“, додека истото тоа може да се каже и за третиот и четвртиот дел, „Ендимион“ и „Подемот на Ендимион“. Иако дејството на другите две книги се случува 274 години по првите две и вклучува нови ликови, потенцијалот за франшиза е тука.
Комментарии