top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Брат и сестра“, „Осумте планини“ и „Засекогаш млади“ во рамките на гала програмата на „Синедејс“

Во рамките на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, утревечера во Скопје, како дел од гала- програмата ќе бидат прикажани француското остварување „Брат и сестра“, италијанското „Осумте планини“ и француско-италијанското „Засекогаш млад“.

Протагонистите на филмот „Брат и сестра“, кој ќе биде прикажан на покривот на ГТЦ во 20:30 часот, се Алис и Луј. Таа е актерка; тој бил наставник и поет. Повеќе од дваесет години, Алис го мрази својот брат. Со години се немаат видено. Смртта на родителите ги принудува повторно да се сретнат.

Филмот „Осумте планини“, пак, е приказна за пријателството. За момчиња што стануваат мажи кои се обидуваат да ги избришат стапалките на своите татковци, но кои, преку разните животни избори што ги прават, секогаш на крајот се враќаат дома. Пјетро е момче од град, Бруно е последното дете од заборавено планинско село. Низ годините, Бруно ѝ останува верен на својата планина, додека Пјетро е тој што доаѓа и заминува. Заедничките средби ги запознаваат со љубовта и загубата, потсетувајќи ги на нивното потекло и расплетувајќи ги нивните судбини како што откриваат што значи да се биде доживотен пријател. Филмот ќе биде прикажан во 22:30 часот, во киното „Милениум“.

Третиот филм од гала-програмата за понеделник е „Засекогаш млад“. Кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, Стела, Виктор, Адел и Етјен имаат по дваесет години. Полагаат приемен испит за прочуената актерска школа создадена од Патрис Шеро и Пјер Роман во театарот „Де Амандје“ во Нантер. Итајќи со полна брзина во животот, страста и љубовта, заедно ќе ја искусат пресвртницата на своите животи, но и првата трагедија. Филмот ќе биде прикажан во 21 часот, на покривот на Домот на градежниците.


1 view

Comments


bottom of page