Бразил ја одбрани титулата од Рио
ЛОИ – ФУДБАЛ
Бразил ја одбрани титулата олимписки шампион во фудбал од Рио 2016, со победата над Шпанија, со 2-1, во продолженијата на Игрите во Токио 2020. Бразил стана петтата земја што освојува олимписко злато двапати по ред, по Велика Британија (1908 и 1912), Уругвај (1924 и 1928), Унгарија (1964 и 1968) и Аргентина (2004 и 2008 година). За нив ова беше седми олимписки фудбалски медал (две злата, три сребра и две бронзи). Ниедна друга нација нема освоено повеќе од пет медали. Капитенот на Бразилците, Дани Алвес (38), кој беше еден од тројцата фудбалери над дозволената старосна граница од 23 години, беше пресреќен по триумфот и поради фактот дека во својата богата колекција, која содржи три титули во Лигата на шампионите (ЛШ) со Барселона, како и во Купот на конфедерациите и на Копа Америка, со Бразил, го додаде и златниот олимписки медал од ЛОИ (нема освоено само титула светски првак). – Јас сум сонувач, но и повеќе од сонувач, некој што ги остварува своите соништа. Да се биде на највисокото скалило на олимпискиот подиум е остварување на сонот. Не е битно каква историја имате, колку искуство имате. Дојдов првпат овде и се враќам со најголемата награда. Имам амбиции и волја како на 23-годишник. Сѐ уште сакам да направам големи работи во фудбалот – изјави Алвес, кој во богатата кариера има освоено дури 43 трофеи!
Comments