Бојан Трифуновски со „Хенгинг Араунд“ во МНТ: Деструктивниот ефект на реалноста ги нагризува нашите идеали и мечти
18.04.2024 April Cetvrtok
„Животот не е еден жанр, така и оваа претстава која најмногу кокетира со автентична емоција и здрава доза на хумор, не е само апсурдна. Хенгинг араунд како безделничко трошење на времето додека си статист во туѓа бајка. Како Димас и Гестас, кои висат на крстовите покрај Исус, како Владимир и Естрагон, како Роз и Гил… Како две страни од истата паричка. Едната со вредност, а другата бледа фотокопија“, вели за весникот ВЕЧЕР, режисерот на претставата „Хенгинг Араунд“ Бојан Трифуновски, која премиерно ќе се изведе на 19 април, од 20 часот, во МНТ
„Надежта и потребата од магијата на бајките, замислениот убав живот што го сонуваме, се важна мотивација да се препливаат апсурдните води на материјализмот и празниот егоцентризам врз кој се темели оваа цивилизација во умирање. Животот не е еден жанр, така и оваа претстава која најмногу кокетира со автентична емоција и здрава доза на хумор, не е само апсурдна. Ако сè е апсурд, како ќе го препознаеш? Од антитеатарски треш до класични монолошки конструкции, патуваме барајќи ја светлината, додека низ неа како Диоген со фенер, нè води, големиот и лош Волк…“, вели режисерот Бојан Трифуновски за весникот ВЕЧЕР во пресрет на премиерата на претставата „Хенгинг Араунд“, која ќе се изведе на 19 април, од 20 часот, во Македонскиот народен театар.
Во претставата „Хенгинг Араунд“, по текст на Љупчо Јованов, а во адаптација и режија на Трифуновски, улогите им се доделени на актерите Сашко Коцев, Стефан Спасов, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Борче Начев и актерките Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.
Целото дејство се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд), пак, во оваа приказна се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа. Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овој пат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна…
Текстот „Хенгинг Араунд“ на Љупчо Јованов, во МНТ ќе ја доживее својата праизведба. Прашан што го привлекло за првпат да го постави на сцена, Трифуновски вели дека текстот имал долг пат до реализација.
Фото: Ѕ. Плавевски
„Првите верзии ги аплициравме уште пред 15-ина години и иако имаше обиди од различни театри текстот да се постави, некако немаше к’смет. Можеби сега му е вистинско време. Она што мене ме магнетизира кон текстот е повеќеслојната метатеатарска структура која зборува за деструктивниот ефект на реалноста, која полека но сигурно ги нагризува нашите идеали, нашата креативност и нашите мечти. Приказната за два лика загубени во светот на изместените бајки, нуди широка лепеза на толкувања и интерпретации, привлечни за темелно театарско истражување“, вели театарскиот режисер.
Околу симболиката на имињата на ликовите 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд), тој вели дека Висејќи Наоколу, е неколкуслојна симболична насока за прото мотивите и насоките за градење на протагонистите. „0 и 1 затоа што светот не е повеќе бинарен, а ние сме можеби заглавени во бинарно и бизарно геополитичко милје. Затоа што едното е математички почеток, а другото е можеби почеток, а можеби крај. Хенгинг араунд како безделничко трошење на времето додека си статист во туѓа бајка. Како Димас и Гестас, кои висат на крстовите покрај Исус, како Владимир и Естрагон, како Роз и Гил… Како две страни од истата паричка. Едната со вредност, а другата бледа фотокопија“, додава Трифуновски.
Прашан, пак, колку претставата асоцира на реалноста што ја живееме, режисерот вели дека иако реалноста во претставата е навидум нереална, изместеноста на параметрите е можеби помалку страшна од таа надвор од театарот.
„Емпатија или симпатија, самобендисаност или самосвест, кич или обид да се прележи кичот како сипаници? Не знам. Сакаме да знаеме, ама не до точка, до крај, туку до оној степен кој може да го издржи нашата од стрес нагризана психа. Се надевам дека претставата ќе постави барем едно точно прашање, завиткано во убавата и заслужена синергија помеѓу младоста и искуството во екипата“, додава Трифуновски.
Сценограф и костимограф на претставата е Љупчо Јованов, а композитор на музиката е Ади Имери. Како што посочуваат од МНТ, претставата не се препорачува за лица под 18-годишна возраст. (Н.И.Т.)
Comments