„Боите на мојата музика“ – приказна за животниот и творечкиот пат на Снежана Анастасова-Чадиковска
Книгата „Боите на мојата музика“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски беше промовирана во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Станува збор за приказна за животниот и творечкиот пат на Снежана Анастасова Чадиковска, истакната пијанистка, пијано-педагог, музичка публицистка, аниматорка. Анастасова-Чадиковска низ своите спомени за контекстот во кој растел и разраснувал нејзиниот огромен опус и музикологот Марко Коловски, со поглед од страна, како обид на навидум невозможното стручно да се опсервира непрегледното, создаваат уникатно дело.
Директорката на „Охридско лето“, инаку професорка по пијано, Наташа Поповиќ, истакна дека Анастасова-Чадиковска има оставено длабока трага во историјата на фестивалот „Охридско лето“. Според Поповиќ, педагошката работа на Чадиковска е импресивна, а нејзините идеи за музиката и за уметноста, како и за радоста на живеењето, претставуваат инспирација во секојдневното работење.
– Во мојот живот имав многу примери од кои учев за професијата, но и за самиот живот. Имав голема чест што бев ученичка на нашата Жани и тоа за мене е едно непроценливо огромно искуство. Таа беше строга професорка, но од неа научив многу за уметноста на свирење пијано и за историјата на музиката – рече Поповиќ.
Според музичкиот теоретичар, истражувач, педагог и публицист Александар Трајковски, книгата „Боите на мојата музика“ претставува сериозен исчекор во процесот на збогатување на македонската музикологија и, воопшто, во збогатувањето на литературата од областа на културата.
– Станува збор за дело што, првенствено по својата структура и концептуална поставеност, а потоа и по содржинските аспекти, претставува ретка појава во нашето музичко книгоиздателство. Не е вообичаен потфат македонски музичар да пристапи кон автобиографско претставување, каде што најоригинално, изворно и автентично ќе го прикаже својот животен и уметнички пат, при што, поради тоа што најдобро ја владее проблематиката што ја обработува, фокусот ќе го постави на најзначајните и најсуштински животни пунктови – истакна Трајковски.
Промоторката Илинденка Петрушева, филмолог, филмска критичарка, историчарка на филмот и есеистка, се обрати и од професионален и од приватен аспект.
– Со моето учество во промоцијата на оваа исклучителна книга како филмолог, пред сè, сакав да обрнам внимание на една телевизиска серија што ги имаше сите атрибути на филм, на таа долгогодишна брачна врска меѓу филмот и музиката, тоа се приказни од пијаното. Тоа е директниот повод за моето учество во промоцијата, но постои и друг повод, а тоа е блискоста на двете семејства, долговечното пријателство, така што јас сум распната меѓу професијата и приватноста – рече Петрушевска.
Музикологот, новинар и публицист Марко Коловски на промоцијата рече дека книгата „Боите на мојата музика“ е посебна, исто како што се посебни личноста и делото на самата Снежана Анастасова-Чадиковска.
– Пишувањето на мојот дел од оваа според многу нешта посебна монографија, за мене беше исклучителен предизвик. Чадиковска ја знам и познавам многу одамна. Сме соработувале на многу проекти, потоа сум го следел нејзиниот уметничко-исполнителски растеж, сум пишувал за него. Исто така, имав увид во нејзината педагошка дејност и некои од врвните дострели во тој дел сум ги опсервирал или сум ги подржувал – рече Коловски.
Книгата е збир на три дела од животниот и творечкиот пат на авторката, сите три дела, според неа, еднакво важни, еднакво драги.
– Сакав да направам не толку моја автобиографија, колку биографија на времето и институциите со кои соработував и во кои живеев. Јас не би знаела да издвојам кој дел најмногу ми се допаѓа. Марко Коловски е неверојатно темелен и инспиративен соработник и мислам дека тој есеистички приказ од четириесетина страници што го даде за мене, според мене, претставува големо богатство – рече авторката Анастасова-Чадиковска, која на промоцијата на нејзиното дело беше прогласена за почесна претседателка на Музичката младина на Македонија.
Корицата на книгата „Боите на мојата музика“, издадена од Музичкиот издавачки центар (МИЦ), е визуелно збогатена со сликата „Хипостази на животот“ од ликовниот уметник Венијамин Хаџи-Наумов.
Comments