top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Богатите наоди на локалитетот Долиште укажуваат на древниот град Пелагонија?!

„Жителите на Прилепец и на соседното село Волково, во чиј атар навлегува дел од археолошкото наоѓалиште Долиште, континуирано носат во прилепската музејска установа случајни наоди кои ги откриле при вршењето на своите земјоделски активности: монети, теракотни и бронзени фигури на божества, накит и керамички садови. Годинава, екипата археолози со заштитни археолошки истражувања открија градба од царскиот римски период (3-4 век), со повеќе простории“, вели Душко Темелкоски, археолог при Заводот и музеј – Прилеп. Тој додава дека сепак, сé уште не е откриен епиграфски наод со натпис кој би упатил на тоа за кој град станува збор. Една од претпоставките е дека, можеби, тоа е градот Пелагонија

Укажуваат ли богатите наоди на локалитетот Долиште кај Прилепец на богатиот и значаен древен македонски град Пелагонија? Ова прашање чиј одговор археолозите од прилепскиот Завод и музеј со години наназад се обидуваат да го одгатнат, и понатаму останува отворено. Жителите на Прилепец и на соседното село Волково континуирано носат во прилепската музејска установа случајни наоди. Последниот наод, римска бања со сопствен систем за греење, е едно од низата откритија кои упатуваат на заклучокот дека се работи за древна населба со долг период на опстојување. Сите овие наоди ја поткрепуваат хронолошката рамка на егзистирање на античката населба меѓу двете села, поточно од раната антика (6-5 век пр.н.е.), па сé до доцната антика, односно до залезот на Римската Империја.

„Еден од првите наоди од педесеттите години од минатиот век, мошне вреден, е случајно пронајдената богата остава со 208 сребрени монети на македонски и на пајонски кралеви. Во следните децении, жителите на Прилепец и на соседното село Волково, во чиј атар, исто така, навлегува дел од археолошкото наоѓалиште, континуирано носат во прилепската музејска установа случајни наоди кои ги откриле при вршењето на своите земјоделски активности: монети, теракотни и бронзени фигури на божества, накит и керамички садови. Во 2016 година, Заводот и музеј – Прилеп, во соработка со Катедрата за археологија на Филозофскиот факултет од Скопје, истражуваше неколку пункта каде што биле вршени погребувања. Откриени се поголем број гробни конструкции, при што за раноантичките карактеристика се масивните камени маркери, вертикално вкопани во земја, додека гробовите од времето на владеењето на македонските кралеви се плитки јами во кои биле положувани остатоците на кремираните покојници. За римскиот период е карактеристична формата на гробови – цисти, оградени и покриени со камени плочи, при што погребувањето е скелетно“, објаснува Душко Темелкоски, археолог при Заводот и музeј – Прилеп.

Следната 2017 година, прилепската музејска установа истражуваше дел од градба со просторија од стопански карактер, при што се откриени два поголеми керамички ќупа – питоси во кои се чувале житарици или некои други прехранбени продукти. Како значаен наод од оваа кампања претставува раноантичка македонска бронза, односно капаче на бронзен сад со форма на афион, кое има протодршки во вид на стилизирани змиски глави.

„Оваа година, на претходно евидентирано место каде што е вршено нелегално ископување, екипата археолози реализираа заштитни археолошки истражувања со кои се откри градба од царскиот римски период (3-4 век), со повеќе простории. Едната од нив е т.н. просторија лакониум со хипокаустен систем за загревање на висечки под врз столпчиња ѕидани од кружни тули, при што во просторот меѓу овој и долниот под струел топол воздух. Откриен е и мал дел од т.н. просторија префурниум, каде што се загревала вода во казани. Со оглед на мошне големата зафатнина од 11 х 9 м. на лакониумот, можно е ова да е градската бања на античката населба која била распослана на поширокиот простор помеѓу двете села“, додава Темелкоски.

Во Прилепскиот Регион претходно беше откриена само една градба со бања на локалитетот Пештерица кај селото Оревоец. Тоа била т.н. вила рустика на некој богат римјанин, која, за жал, е потопена со изградбата на прилепското акумулационо езеро.

Иако во збирките на прилепската музејска установа веќе има доста богат движен археолошки материјал од локалитетот Долиште, сепак сé уште не е откриен епиграфски наод со натпис кој би упатил на тоа за кој град станува збор. Една од претпоставките на научните работници во Македонија е дека, можеби, тоа е градот Пелагонија.

„Постоењето на позначајна античка населба го потврдуваат и мермерните епиграфски наоди и архитектонски елементи, пренесени во дворовите на селските цркви. На еден епиграфски наод се спомнува македонијарх, додека други два натписа во кои се спомнуваат Стибера и имињата на нејзините видни граѓани, таткото Тит Флавиј Орест и синот Филоксен, упатуваат на силна поврзаност на овој значаен урбан центар во областа Дериоп со населбата помеѓу Прилепец и Волково. Се планира истражувањата на градбата со бања на локалитетот Долиште да продолжат и во следните години, со поддршка од Министерството за култура“, вели Темелковски.

Оваа година, прилепскиот Завод и музеј, според проектната програма, треба да реализира уште три активности од областа на археологијата: истражувања на античкиот град Стибера кај селото Чепигово (200 000 денари), каде што минатата година е пронајден главниот плоштад – агората со мошне репрезентативна мермерна биста на жена на римски император, потоа истражувања, за прв пат, на локалитетот Селиште кај селото Беловодица (150 000 денари), каде што ќе се расчистува простор околу ранохристијанска црква и како последни се планирани доистражувања на гробниците издлабени во карпа на неколку локации, датирани во доцномакедонскиот период, односно во 2 и 1 век од старата ера (50 000 денари). (Д.Т.)




7 views

Comments


bottom of page