Богата програма во рамките на Скопско лето
Оваа недела во рамките на Скопско лето има голем избор на настани од разни области. Вчера, во Чифте амам се отвори изложбата на Михаил Корубин, „Визуелна артикулација“, која предизвика голем интерес кај присутните. Корубин на публиката ѝ се претстави со 13 големи платна, кои ги насликал годинава, како и со минијатурни графики арт-токен за кои допрва ќе се пишува бидејќи самиот тој е иноватор на овој стил. Денес, во Музејот на македонската борба за сите љубители на класичната музика ќе се одржи концерт на Андреј Наунов на пијано и Кристијан Жермен од Австрија. Овој настан е во соработка со австриската амбасада во Скопје. За најмладата публика, в среда ќе игра претставата „Некој нека ми каже колку сум важен“ во Театарот за деца и младинци, со почеток во 19 часот. Во претставата играат: Мики Анчевски – Курт, Марија Ѓорѓијовска – Бад, Гунар, Премиерот, Никола Наковски – раскажувач, Ана Лиз, продавачот Мефисто, Капетанот, Госпоѓата, Пациентот. Ненад Митевски – раскажувач, Курт Газирано – архитект, доктор Петер, Полицаецот, Главниот Доктор, цариник, Штауб. Ангела Димитрова – раскажувач, Елена Дебелата – архитект, докторка Нина, Гатачката, Воспитувачка, Новинарката, Докторката, Старата госпоѓа Додека во Куршумли ан, малку подоцна, со почеток во 20 часот, почнува концертната промоција на албумот „Вида“ на MIYATTA. Фотографот Ацо Кондев со изложбата „Парис Ла Дефанс“ е на програма в четврток, и тоа во Културно-информативниот центар, со почеток во 20.30 часот. Во продукција на Снежана Богдановска-Сани ќе се одржи модна ревија како омаж на Тјери Муглер, со наслов „Ангел на ексцентричноста“, в петок, 30 јуни. Се работи за ревија на студентите на институтот „Изет Цури“ според инспирација од моделите на дизајнерот Тјери Муглер. Специјални гости учесници се Изет Цури, Никола Ефтимов, Доминик Брунет, Игор Марков и други. Режијата е на Анастасија Стејси Марш Богдановска. Саботата е резервирана за изложба на фотографии на Џон Илија Апелгрин, „Забранети луѓе“, и тоа во Кинотеката на Македонија, со почеток во 20 часот. Малку подоцна, во 21 часот, најавен е гала-оперски концерт на Националната опера и Балет со солистите, Хорот и Оркестарот на НОБ. Диригентската палка е на Реваз Јавакишвили од Грузија. На програмата се арии од Верди, Пучини, Чилеа и Моцарт.
Comments