Боб Дилан ги продаде своите мастер снимки на „Сони мјузик“
25.01.2022 januari Vtornik
Боб Дилан ги продаде мастер снимките и правата за објавување на целиот негов опус на „Сони мјузик“ (Sony Music), во најновата блокбастер музичка аквизиција во индустријата. Договорот, постигнат минатиот јули, вклучува сè, од класичните албуми од 1960-тите како Blonde On Blonde, до неговото најново издание, Rough And Rowdy Ways од 2020 година. Магазинот „Билборд“ тврди дека каталогот вреди околу 200 милиони долари, врз основа на годишни приходи од околу 16 милиони долари. Дилан претходно го продаде своето издание на компанијата „Јуниверзал мјузик“ за пријавени 400 милиони долари. Тој договор ги покрива правата на Дилановите текстови и композиции, со кои „Сони“ претходно управуваше надвор од САД. Меѓутоа, издавачката куќа се бореше да ги задржи правата на снимките на Дилан, вклучително и 39 студиски албуми, 16 „бутлег“ компилации на изданија и необјавен материјал што би можел да се состави и издаде во иднина. 80-годишникот, исто така, го продолжи договорот за снимање со Sony’s Columbia Records, ветувајќи повеќе идни нови изданија, се наведува во соопштението на издавачката куќа. Боб Дилан има продадено повеќе од 125 милиони албуми низ целиот свет во текот на кариерата која трае шест децении. Дилан, кој е нарекуван и „Пикасо на музиката“, е првиот музичар во историјата кој доби Нобелова награда за литература (2016) за своите поетски иновации во пишувањето текстови за песни.
Comments