Блажевска-Еминова постави нов македонски рекорд на 100 м грбно
ПЛИВАЊЕ – СП ВО БУДИМПЕШТА
Миа Блажевска-Еминова постави нов македонски рекорд на Светското првенство (СП) во пливање во Будимпешта (Унгарија), откако во трката на 100 метри грбно делницата ја исплива за 1:04,11 минута, што е за 30 стотинки подобро време од досегашниот рекорд, чиј сопственик беше самата Блажевска-Еминова.
Македонската претставничка настапи во втората квалификациска трка, во која заврши како третопласирана, со што е на 30-то место во конкуренција на вкупно 43 пливачки. Блажевска-Еминова од клубот Орион и Андреј Стојановски (17) од клубот Нептун, во придружба на тренерот Илија Стојановски во „Дуна“, арената во Будимпешта, пред заминувањето на СП имаа цел испливување свои најдобри времиња и поставување нови национални рекорди.
Стојановски ќе настапи в среда и в четврток, и тоа на 50 м грбно и на 200 м градно, а Блажевска-Еминова следното влегување во базенот ќе го има во утре, во дисциплината 50 м грбно. Ним подоцна во Будимпешта ќе им се приклучи и нашиот најдобар пливач на отворени води, Евгениј Поп Ацев, кој на 30 јуни ќе плива во трката на 25 км.
Претходното издание на СП за сениори се одржа во 2019 година, а потоа поради пандемијата на ковид-19 и одложувањето на Летните олимписки игри, СП се одложи за годинава.
Comments