Благосостојбата е главна тема на годинашниот Светски ден на џудото
29.10.2024 Oktomvri Vtornik
Годинава Светскиот ден на џудото во центарот на вниманието ја става темата за благосостојба, концепт што ги допира сите аспекти од нашите животи, на татамите, но и надвор од доџото, изјави претседателот на Светската џудо-федерација (ИЏФ), Мариус Визер, за интернет-страницата на ИЏФ.– Фокусот на благосостојбата е особено релевантен во денешниот свет, каде што предизвиците за менталното здравје, социјалната изолација и седентарниот начин на живот се во пораст. Пандемијата на ковид-19, тековните конфликти и општествените промени ја зголемија важноста да му се даде приоритет и на менталното и на физичкото здравје. Џудото, со својот холистички пристап кон тренирање на умот и на телото за да им помогне на луѓето да станат подобри граѓани, служи како водилка за надминување на овие предизвици – вели Визер.Тој се осврнува на секој елемент поединечно.– Со фокусирање на различни аспекти на благосостојбата, физичка, ментална, емоционална и социјална – џудото ја зајакнува својата улога, не само како спорт и боречка вештина туку и како практика што го подобрува нашиот вкупен квалитет на живот. Физичка благосостојба (џудо како катализатор за здравје, активен животен стил и флексибилност), ментална и емоционална благосостојба (џудото како овозможувач за рамнотежа, издржливост, самодоверба), социјална благосостојба (џудото негува почит, заемна помош, чувство за заедница и инклузивност). Годинашната тема ги придружува и ги охрабрува практичарите на џудото да го гледаат својот тренинг како повеќе од само спорт, како пат кон сеопфатна благосостојба, помагајќи им да станат посилни, поотпорни и поповрзани со нивните заедници – потенцира Визер.Визер потенцира дека многу џудо-практиканти ги наоѓаат својата рамнотежа и хармонија преку нивниот тренинг.– Без разлика како ќе се одвива денот, дали е исполнет со триумфи или предизвици, влегувањето во доџо (специјално приспособен објект, сала намената исклучиво за тренинг за боречки вештини), нуди чувство на обновување и секогаш заминувате чувствувајќи се повозвишено и поурамнотежено отколку кога сте пристигнале, со нова перспектива. За повеќето, доџото станува дополнителен дом, простор за дијалог, а џудо-клубот или тимот се чувствуваат како дополнително семејство. Без разлика дали сте џудист, тренер, судија, родител, баба или дедо или службеник, секој си го наоѓа своето место и чувствува дека припаѓа. На Светскиот ден на џудото, 28 октомври, џудо-заедницата е повикана да размисли за тоа како нивната практика може и понатаму да биде сила за личен раст, ментално здравје, поврзаност и социјален придонес, што е совршено олицетворение на визијата на Џигоро Кано за џудото како начин на живот – вели Визер. Г.И.
Македонското џудо чекори по нагорна линија
И македонското џудо сигурно чекори напред во тој поглед и се развива со организирање повеќе квалитетни меѓународни турнири и првенства.– Апсолутно, македонското џудо во последниот период полека но сигурно се развива и чекори во нагорна линија, следејќи ги европските и светските трендови. Со организацијата на многуте меѓународни турнири и првенства од повисок ранг, Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) само докажа дека и во тој дел сѐ повеќе напредува, а и се истакнува пред европското и светското џудо-семејство. ЏФМ, македонските џудо-клубови, џудисти, тренери и спортски работници и годинава традиционално го одбележаа Светскиот ден на џудото. Годинашниов фокус на прославата, кој се чествува во чест на роденденот на основачот на џудото Џигоро Кано, е насочен кон темата благосостојба. Секоја година овој ден се одбележува под различни теми, а годинашната, заедно со претходните теми, означува дел од принципите на џудото. Светскиот ден на џудото има цел да ги покаже спортските вредности, но и да докаже дека џудото е повеќе од спорт, образовна алатка што може да им помогне на луѓето да живеат заедно и да се почитуваат еден со друг. Целта е да се зголеми бројот на џудисти во целиот свет и да се помогне да се промени животот на луѓето со користење на моќта на џудото. Бидејќи вчера беше работен ден, секој клуб го прослави Денот на џудото во рамките на своите клупски активности – вели спортскиот директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски.
Comments