Бијонсе и Џеј Зи конкуренти во борбата за „оскар“
Бијонсе и Џеј Зи се чекор поблиску до испишување историја на доделувањето на „оскарите“ в година, откако моќната музичка двојка се најде на скратената листа со кандидати во пресрет на 94-то издание на престижните награди.
Како што пренесува „Вараети“, Бијонсе (40) и Џеј Зи (52) во вторникот биле ставени на потесната листа за „оскар“, на која има 15 потенцијални кандидати за најдобра оригинална песна.
Ако и двајцата го добијат конечното зелено светло, тие ќе станат првите сопружници во историјата на „оскарите“ што ќе се натпреваруваат еден против друг во иста категорија.
Бијонсе е номинирана, односно е на листата на потенцијални кандидати за номинација, за нејзината песна „Be Alive“ од филмот „Кралот Ричард“, со Вил Смит во главната улога, а која ја напиша заедно со текстописецот Диксон.
А нејзиниот сопруг Џеј Зи е номиниран за звучниот запис „Guns Go Bang“ од филмот „Тешко паѓање“ (The Harder They Fall).
Има уште 13 песни што се најдоа на кратката листа за најдобра оригинална песна, со доста силна конкуренција од музички ѕвезди, како Били Ајлиш, Боно, Џенифер Хадсон, Аријана Гранде и други.
Comments