„Бич филм фестивал“ во Охрид со европски филмови под ѕвездите
- Aleksandar Santovski
- Jul 17, 2023
- 3 min read
Од 19 до 23 јули 2023 година, во екот на туристичката сезона во Охрид, и оваа година се одржува шестото издание на „Бич филм фестивал“.
Годинешното издание нуди богата програма со филмски проекции, мастер-класи и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа: плажа „Славија“, плажа „Сараиште“, брод „Армада“ и Младинскиот центар – Охрид.
Годинава публиката ќе има можност да гледа 8 долгометражни играни филма, 16 краткометражни, 9 студентски, 5 француски (земја во фокус Франција) и 4 специјални проекции. Фестивалот се отвора со краткометражниот филм „Сценарио“ на Александра Кардалевска и долгометражниот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова, а ќе се затвори со словенечкиот филм „Нешто слатко“. Филмската екипа од филмовите, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Елеонора Венинова, Гоце Кралевски, Александра Карделевска, ќе ги претстават своите филмови пред охридската публика.
„Бич филм фестивал“ секоја година расте не само квантитативно со бројот на филмови, кои се прикажуваат, но и квалитативно со изборот на европски филмови, кои смело ја опишуваат моментната состојба на светот, современите проблеми, миграциите, правата на жените итн. Фестивалот од година на година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и особено ја привлекува младата публика, која го избира Охрид за летен одмор целно во периодот додека трае фестивалот.
„Од првата година имаме поддршка од Агенција за филм на РСМ, која ги подржува сите наши замисли, потоа од Град Охрид, со кој имаме многу години успешна соработка и веќе сме домашни таму и од годинава ќе потпишеме официјален меморандум и ‘Бич фил фестивал’ ќе се преименува во ‘Охрид филм фестивал’, одМинистерството за култура, исто така и од Кинотеката на Северна Македонија, Францускиот институт, Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge), а секако ни е важна и соработката со комерцијални спонзори, како Халк банка, кои со години нѐ подржуваат и се залагаат за развој на културата, ДМ-дрогерии, кои со својот летен асортиман совршено ја заокружуваат ова летна приказна и многу други“, велат организаторите.
И оваа година, трет пат, фестивалот е поддржан и од Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge, EFC), кој е достапен за повеќе од 100-милионската публика во 12 држави од Европа вклучувајќи ја и Северна Македонија. Европскиот филмски предизвик со текот на годините развива и поврзува мала, но значителна заедница, љубители на европскиот филм и инди-киното, која активно го користи просторот за забава, откривање, препорачување и споделување на најдобрите европски остварувања.
Во моментот е активен предизвикот за Венеција, кој победникот ќе го однесе на Филмскиот фестивал во Венеција (Biennale Cinema 2023), а правилата за учество се исти: во тек на 10 недели, од 19 јуни до 27 август 2023 година, да се гледаат 10 европски кинематографски остварувања на фестивали, во киносали, телевизија или на легални VOD-платформи за што се добиваат различен број поени. Годинешниот „Бич филм фестивал“ на публиката за секој изгледан долгометражен филм од програмата ѝ носи дополнителни 40 поени, а со тоа и поголеми шанси за победа.
„За Европскиот филмски предизвик, „Бич филм фестивал“ е од големо значење како културен настан во државата бидејќи привлекува млада публика (18-35 години), која е исклучително тешко во денешно време да ја анимираш и ангажираш да гледа европски кинематографски остварувања кога на сите платформи се промовираат сензационалистички холивудски филмови. Поттикнувајќи ја филмската писменост, промовирајќи европски аудиовизуелни дела и фестивалите, EFC служи како доказ за моќта на киното во премостувањето на културите, промовирањето на различностите и разгорувањето на страста за раскажување приказни. Без разлика дали сте филмофил, млад филмски режисер или едноставно поединец, кој сака да го истражи богатството на европската кинематографија, Европскиот филмски предизвик дава исклучителна можност да почнете филмско патување“, велат од Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“, кој го реализира проектот.


Comments