Битола два месеца ќе биде летна културна сцена
Над 2.000 присутни во амфитеатарот на античкиот локалитет Хераклеја уживаа во настапот на популарната македонска поп-ѕвезда Каролина Гочева, на свеченото отворање на битолското културно лето „Бит -фест“. Со своите добро познати песни и евергрини, Каролина Гочева по четири години пауза повторно пееше пред битолчани и ги разгали срцата на присутните.
– Среќна сум што по неколку години повторно настапив на едно од најубавите и најпосакувани места за мене и за секој уметник, амфитеатарот во Хераклеја, и пред моите битолчани – изјави Гочева, еден од најдобрите женски вокали во Македонија, која успеа да внесе прекрасна двочасовна атмосфера низ нејзините големи хитови: „Да е сон“, „Од нас зависи“, „Кажи ми“, „За нас“, „Знаеш колку вредам“ и многу други, а по барање на публиката, со повторно враќање на бис, концертот го заврши со песната „Кој да ми запее“.
Битолското културно лето за отворено го прогласи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека содржините што се дел од оваа програма имаат концепт за издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво.
Битола и вечерва потврдува дека е град што живее со културата, град во кој низ различни историски периоди се создавале, надградувале и промовирале карактеристични културни обележја, кои и денес се наше богатство, гордост и должност. Токму затоа и културните настани што се случуваат во Битола, секогаш треба да бидат одраз на спецификите со кои се гордееме, а преку нив да ги промовираме македонската култура и традиција, притоа водејќи грижа за градење силни меѓународни врски, кои ќе овозможат континуиран напредок во сите области – нагласи Коњановски.
Во рамките на годинашниот „Бит-фест“ ќе се одржат голем број културни манифестации и музички настани: фестивалот „Солстис“, фестивалот „Битола отворен град“, „Битола Шекспир фестивал“, „Илинденски денови“, „Локум-фест“, фестивалот „Браќа Манаки“, „Балкан гала-фестивал“ и гостувања на еминентни изведувачи. Во рамките на 14-то издание, битолчани ќе имаат можност во официјалната програма да проследат вкупно 40 културни настани, кои беа селектирани од страна на стручното жири од вкупно 166 пристигнати апликации на јавниот повик.
Kommentare