„Битлси“ се вратија во британските топ-40 по документарецот на Питер Џексон
07.12.2021 Dekemvri Vtornik
Албумот Let It Be на „Битлси“ скокна во топ-40 хитови во Обединетото Кралство (UK Top 40) по објавувањето на документарната мини серија на Питер Џексон со наслов Get Back. Седумчасовната серија од три дела, која почна да се емитува на „Дизни плус“ во ноември, моментно ја уживаат фановите што ги пофалија согледувањата на Џексон за култниот бенд. „Дојдов со мислење за нив дека се пристојни, разумни момци“, изјави Џексон за британски „Индепендент“ за своите откритија додека го продуцира документарецот. „Имаат несогласувања, имаат разни амбиции. Но, нема его, нема примадона (однесување)“. Според најновиот извештај на „Билборд“, Let It Be оваа недела скокна од 62. на 22. место на листата за албуми во Обединетото Кралство. Ед Каминг во својата рецензија со пет ѕвезди за „Индепендент“ документарецот го нарече ремек-дело. „Тоа е споменик на ‘Битлси’, огромен и откривачки, кој дејствува како бедем против бескрајните книги и написи и брборења за нив. Документарната серија едноставно ги прикажува какви што биле“, напиша тој.
Comments