top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Биното замина на одмор, Ферари има објаснување

Летната пауза во Формула 1 беше темпирана веднаш по трката за Големата награда на Унгарија, иако организаторите го откажаа руското гран при кое требаше да се случи наесен и не успеаја да обезбедат друга трка на нејзино место. Со тоа се става акцент на секој пласман во преостанатите трки, бидејќи со едно гран при помалку нема толку шанси за „поправка“ на ситуацијата на табелата. Последната трка укажа дека Ферари иако е зад Ред Бул на табелата, испушти добра шанса да се пласира пред ривалите бидејќи употреби стратегија со користење на тврдите пневматици. Шарл Леклер стартуваше на „медиум“ и успеа да напредува престигнувајќи го низ боксот својот тимски колега Карлос Саинц, а потоа и лидерот Џорџ Расел, но потоа беше повикан во боксот и доби „тврди“ гуми. – Нашата симулација покажуваше дека Шарл ќе биде бавен во првите 10-11 круга, но потоа ќе има добри гуми за финишот. Требаше да се поминат 30 круга, сакавме да ја сочуваме позицијата пред Макс, но тоа ќе беше премногу да се вози со „меки“,- објасни Биното по трката. Ферари не беше единствениот кој одлучи да користи „тврди“ пневматици, но и другите возачи како Алонсо и Окон имаа проблеми и загубија време додека ја постигнаа работната температура на гумите. – Стратегијата не ни е избрусена во камен. За време на трката следевме што се случува со другите возачи и разговаравме за тоа. Потоа го направивме изборот, но тој не беше вистинскиот,- вели тимскиот шеф. Дополнително, тој нагласи и дека не се задоволни од тоа како се однесувал болидот на Ферари. – Возилото не работеше како што очекувавме. Ја немавме брзината споредено со петочните тренинзи, кога возевме во тркачки режим. Овие временски услови беа поинакви, постудено беше. Генерално, брзината денес не беше добра и мислам дека со какви било гуми денеска немаше да бидеме добри во споредба со она што го посакувавме,- тврди Биното. Со пласманот на шестото место, Леклер сега има 80 поени помалку од Ферстапен во борбата за шампионската титула. До крајот на сезоната има уште девет трки, почнувајќи со ГН Белгија на крајот од август, а завршувајќи со ГН Абу Даби на крајот од ноември.


2 views

Comentários


bottom of page