top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Биенална изложба на ликовната колонија „Галичник“

08.11.2021 Noemvri Ponedelnik

Биеналната изложба на 31. и 32. сесија на ликовната колонија „Галичник“ ќе биде отворена утревечер, во Националната галерија на Македонија, објект „Мала станица“, со почеток во 19 часот. Последните две сесии на колонијата го третираа горливиот проблем на екологијата, на заштитата на животната средина и враќање на загубената врска со природата. – Триесет и првата сесија имаше концепт „Коегзистенција“, кој ја проблематизираше релацијата (изгубената релација) помеѓу природата и човекот (секако и самиот Галичник и неговата природа и традиција), релацијата или коегзистенцијата на видливиот свет со невидливите опасности (вирусите и пандемиите што нѐ демнат), коегзистенцијата на уметноста и обичниот човек; уметноста и политиката; уметноста и екологијата; уметноста и технологијата. Учествуваа и со свои дела ќе бидат претставени: Ненад Тонкин, Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Борче Богоевски, Тања Ристовска, Игор Таневски, Ана Трајковска и Ана Ивановска од Македонија, Жангхонг Лиао (Кина), Бурим Муфтиу (Косово), Тарлан Лотфижаде (Иран), Слободан Радојковиќ и Марина Марковиќ (Србија), Франциско Томшик (Уругвај), Ивана Радовановиќ (Црна Гора), Рубен Бас (Германија) – велат организаторите.

Триесет и втората сесија, пак, имаше концепт насловен „Визуелна интрузија“ и интенцијата на овој дискурс беше со визуелна интервенција, т.е. интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина, да се визуализираат контрастот и моќта што човекот ги има во загрозувањето, но и заштитата на животната средина и зачувување на нејзиниот природен облик и форма. Ваквите интервенции треба да го подигнат нивото на свеста и да имаат директен импакт во процесот на будење и преземање одговорност за своите постапки. Под поимот екологија разгледуваме поширок опсег на дискурси поврзани со историјата, архивирањето, доминацијата итн. На колонијата партиципираа: Џозеф ван Калденбург (Холандија), Милка Делибашиќ (Црна Гора), Магдалена Кучко (Полска), Ана Марија Паску (Романија), Клица Антониу (Кипар), Зара Александрова (Бугарија), Ејгул Догруел (Турција), Денис Јагџи (Косово/Македонија) и нашите автори: Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Ивна Самандова, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски и Зоран Георгиев и нивните дела ќе бидат презентирани во поставката. Најголем дел од делата се изработени во нови медиуми, како видеа, видеоинсталации, дигитални графики, фотографии, интервенции во просторот, објекти и концептуални слики и графики.


4 views

Comments


bottom of page