Биеналето на МСУ ја најавува новата уметничка сцена
16.09.2021 Septemvri Cetvrtok
Меѓународното биенале на млади уметници, кое годинава се одржа по тринаесетти пат, во организација на Музејот на современата уметност, е мултидисциплинарен настан и е еден од значајните настани од областа на современата уметност, првенствено затоа што наоѓа начини и создава простори преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на новата генерација уметници и куратори, вели кураторката Јованка Попова. – Биеналето на млади уметници оваа година беше отворено на 19 мај, се прошири надвор од архитектурата на МСУ-Скопје и вклучи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј и Управата за хидрометеоролошки работи. Вклучувањето на овие простори имаше цел да посочи кон вредните примери на модернистичкото архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство што е насочен кон иднината, кон непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња – вели Попова. Биеналето на млади, освен изложбена, претставува едукативна и дискурзивна програма, со која низ низа активности преку предавање на признаени уметници и куратори од Македонија и од Европа, им овозможува на младите уметници и куратори да стекнат соодветно знаење, ги инволвира во процес што ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во нивното натамошно ангажирање и претставување пред јавноста. – Досега менторски работилници беа одржани со повеќе интернационално признати куратори и уметници од Македонија и од регионот. Оваа програма во рамките на Биеналето на млади е дел од пошироката едукативна програмска целина наменета за млади уметници и куратори насловена „МСУ школа“ конципирана од Никола Узуновски – дополнува таа.
Во рамките на тринаесеттото издание на биеналето беа изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Беа селектирани дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција, односно уметници што меѓу другите имаат стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција, Италија. Биеналето беше отворено за апликации од млади уметници на возраст од 18 до 35 години, со намера да претстават формати и на начини што овозможуваат исчезнување на целите. – Уметниците низ различни медиуми и уметнички форми одговорија на главната тема „Вонредласт“ со желба да се биде некаде „на друго место“, за да ги прошират просторите за лутање, кои се ослободени од доминантниот код со кој се фиксираат и се имобилизираат поединецот и колективот. Претставените дела беа во потрага по нови територии кон кои може колективно да се движиме и да пронајдеме некаква случка, новина – истакнува Попова. „Биеналето на млади уметници“ е важно затоа што, освен што им нуди простор за изложување, ги следи младите уметници во клучен период од нивниот професионален развој, кога повеќето се љубопитни, енергични и храбри, односно служи како иницијална платформа за нивната определба како уметници. – Секое издание на Биеналето му овозможува на еден млад уметник реализирање самостојна изложба во важна институција за негово професионално профилирање, каква што е Музејот на современа уметност.
Истовремено му овозможува да се стекне со знаење, кое ќе ја подобри неговата уметничка продукција, обезбедува логистичка поддршка и професионално го насочува во сложениот процес на подготовка на уметнички проект. Досегашната практика покажува дека повеќето од имињата на етаблирани македонски современи уметници своите први искуства ги стекнале преку учество на Биеналето – вели таа. Оваа година, првпат наградата, која се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, им ја додели на тројца автори и дела, кои жири-комисијата ги доживеа за најубедливи достигнувања претставени на Биеналето. Наградата рамноправно им беше доделена на Наташа Неделкова (Македонија), за делото насловено „Ткива на идентитет“, видео, 2020, Дарко Алексовски (Македонија), за делото „Никогаш незаљубен“, просторна и видеоинсталација, 2019, и Дритон Селмани (Косово), за скулптурата „Не но не (или обратно)“, 2019.
– Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја побара „болеста за другото“ како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи, така и физички. – Оттука уметниците што одговорија на годинашнава тема „Вондерласт“ ја прикажуваат имагинарната и трансформативна сила на уметнички практики со отворени политички, но и интимни, понекогаш скриени наративи на бегство, од состојбата на застој, на истост, на повторувања во чекање како одговор на актуелна проблематика што сите ја живееме – вели кураторката. Според неа, Биеналето е важен настан, како за публиката така и за локалната и за регионалната уметничка сцена. Изложбените поставки предизвикаа силен интерес, првенствено затоа што дадоа увид во рецентните интереси и правецот во кој се движи современата уметност денес.
Commentaires