Биг Бен ќе заѕвони за да ја најави Новата година
Лондонската гордост, Биг Бен ќе заѕвони во пресрет на новогодишната ноќ на 31 декември, иако реставрацијата на познатата саат-кула на североисточниот крај на Вестминстерската палата не е завршена, пренесуваат британските медиуми.
Во деновите пред 31 декември повремено ќе бие ѕвоното поради тестирање во пресрет на новогодишната прослава, кога ќе удри 12 пати за да се одбележи почетокот на 2022 година.
– Биг Бен е икона и веројатно е најпознатиот часовник во светот. Секој навртка и шраф што поминаа низ нашите раце се огромна привилегија. Ќе биде доста емотивно кога сè ќе заврши, ќе биде тажно што проектот ќе заврши, но ние сме среќни што ќе го вративме во работа и што сè е рестартирано и обновено – вели Иан Вестворт, член на тимот на механичари кој ќе се погрижи Биг Бен да се слушне на новогодишната ноќ.
Ѕвонењето на 31 декември ќе биде извршено со привремен механизам. Напролет, Биг Бен повторно ќе ја објави познатата мелодија, за првпат откако започна реставрацијата во 2017 година. Во текот на изминатите четири години, кулата и механизмот за познатиот часовник, како и ѕвоното во него, беа подложени на најголемиот проект за поправка и конзервација во нејзината 160-годишна историја.
Биг Бен е дизајниран и инсталиран во 1859 година, со цел да се направи најточниот јавен часовник во светот.
Comments