Бејл – нова британска ѕвезда во МЛС?
ФУДБАЛ
Капитенот на фудбалската репрезентација на Велс, Герет Бејл (32), најверојатно ќе ја продолжи кариерата во ФК Лос Анџелес, кој настапува во американската лига (МЛС), како слободен играч, по деветте сезони во Реал Мадрид, пишува „Би-би-си“. ЛА треба да го потврди договорот, но Бејл на својот твитер-профил објави: „Се гледаме наскоро, Лос Анџелес“. Петкратниот победник во Лигата на шампионите беше поврзуван со трансфер во Тотенхем и во Кардиф, но тој се реши за МЛС, каде што сезоната трае од февруари до октомври. Лос Анџелес моментно е на врвот на Западната конференција во МЛС и треба да одигра уште 19 средби во регуларниот дел од сезоната, по што ќе следува плејофот. Крајот на сезоната треба да биде на 5 ноември, 16 дена пред настапот на Велс на СП 2022, со натпреварот со САД. Бејл за соиграч ќе го има италијанскиот дефанзивец Џорџо Кјелини. Досега во МЛС играле повеќе фудбалери од Велика Британија, а весникот „Индепендент“ претстави неколку од нив. Дејвид Бекам: Англиската суперѕвезда Бекам по четири години во Реал Мадрид се пресели во ЛА галакси и играше пет години во САД, а потоа и во Милан (Италија) и во Пари сен Жермен (Франција).
Вејн Руни: Англискиот центарфор Руни замина во ДЦ јунајтед во 2018 година, по едногодишното враќање во првиот клуб, Евертон, кој следуваше по ѕвездениот престој во Манчестер јунајтед. Тој постигна повеќе од 300 гола во кариерата, имаше 23 погодока и 15 асистенции во 48 меча во МЛС. Стивен Џерард: Џерард му стави крај на 17-годишното играње во Ливерпул и замина за Калифорнија, играјќи една година за ЛА галакси, пред да ја заврши кариерата во 2016 година. Ѕвездата на Англија потоа паузира една година, пред да ја преземе тренерската функција во академијата на Ливерпул, која ќе му претходи на менаџерските улоги во Глазгов Ренџерс и во Астон вила. Френк Лампард: Англиската ѕвезда Лампард замина од Челси на една година во Манчестер сити, пред да замине во САД. ФК Њујорк не стигна до плејофот во првата сезона на Лампард, а во втората играше во полуфиналето. Потоа следуваа менаџерски ангажмани во Дерби, Челси и во Евертон. Џермејн Дефо: Англискиот центарфор Дефо замина од Тотенхем во Торонто, постигна 11 гола на 19 меча, но потоа беше позајмен во Тотенхем, пред да се префрли во Сандерленд. Следуваа ангажмани во Бурнмаут и во Ренџерс, пред Дефо да ја заврши одличната кариера во Сандерленд.
Comments