Берлускони сака да биде и „тренер“ на Монца: Ќе го правам истото што го правев во Милан
Монца ја забележа првата победа во Серија А и тоа против една од екипите која има амбиции да биде шампион во Италија-тоа е составот на Јувентус.
Новајлијата во елитната италијанска конкуренција славеше со 1-0, момент кој го израдува првиот човек на клубот Силвио Берлускони.
-Тоа што ја однесов Монца во Серија А по 110 години ми даде повеќе радост отколку освојувањето на Лигата на шампионите, -рече Силвио кој отворено посочи дека има намера да му се меша во тактиката на тренерот Рафаеле Паладино или како што вика тој да интервенира со совети.
-Ќе интервенирам директно со совети, исто како што правев со сите мои тренери во Милан. Паладино е тренер што добро го познавам од неговото време од младинската академија на Монца и решив заедно со Адријано Галијани да го препуштам тимот во негови раце, бидејќи според нас тој тоа навистина го заслужува, -истакна поранешниот италијански премиер кој кратко проговори и за Милан, тимот во кој беше главен три децении.
-Бев навивач на Милан цел живот и сè уште сега ги поддржувам, Милан е засекогаш во моето срце. Денеска се занимавам со Монца, со носталгија за минатото, но од очигледни причини ќе се воздржувам од навлегување во работи со Милан. Ги гледам новите сопственици со голема почит и како миланиста се надевам дека ќе го водат клубот до нов голем успех, -порача газда Силвио.
Comments