Бекетовата „Последната лента на Крап“ на „Скопско лето“
Во рамките на „Скопско лето“, вечерва, во 20 часот, ќе се одигра театарската претстава „Последната лента на Крап“, на малата сцена на МНТ. Писателот Гоце Смилевски за оваа претстава вели дека иако е напишана пред 60 години, се случува сега и секадe. – Можноста што ја имавме ние, гледачите, да поразговараме со актерот и режисер Ѓорѓи Јолевски непосредно по изведбата на неговата (и Бекетова) претстава „Последната лента на Крап“ во Македонскиот народен театар, ни покажа колку е важен живиот и отворен разговор за уметноста денес и како се преплетуваат уметничката креација и човечката егзистенција – изјави писателот Гоце Смилевски, по изведбата на монодрамата на Јолевски. Според него, поаѓајќи од одговорот на прашањето што значи да се поставува драмски текст за самонаметната, доброволна изолација во време на сеопшта изолација, Јолевски ни ги толкуваше поттекстите низ кои ова драмско дело, напишано пред повеќе од 60 години, говори за нашата реалност, за она што се случува сега и овде, или уште поточно: сега и насекаде во светот. – Одговарајќи на нашите прашања за неговата режисерска поетика и актерска изведба, Јолевски ни го образложи своето сфаќање на целокупното творештво на Бекет како откривање светлина во темнината и ја посочи својата верност на ремарките во делото на овој автор како начин да ѝ дозволи на тишината да проговори и како предуслов да го оствари своето поимање на „Последната лента на Крап“ како музичка симфонија во која зборот и молкот се контрапунктирани – вели Смилевски.
Ана Стојаноска, театролог, за претставата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, во изведба, режија и продукција на Ѓорѓи Јолевски (извршен продуцент Никола Кимовски, драматург и преведувач Владимир Јанчовски, копродукција на МНТ и „Перипетија продукција“) вели дека заедно успеавме театарот да го направиме мала оаза надвор од целата врева на секојдневието, благодарение на непосредниот и искрен пристап на актерот, режисер, педагог Ѓорѓи Јолевски и неговата изведба на едно од најголемите драмски дела на 20 век – „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет. – Тоа што Ѓорѓи ни понуди на крајот на претставата да направиме муабет од половина час е исто така за пофалба, затоа што театарот не може да постои без публиката, а на театарските уметници им е повеќе од потребен контактот со публиката во овие пандемиски времиња. И не само сега и не само овде. Контактот, пренесувањето на емоцијата, размената на енергијата се клучната состојка на нераскинливата врска меѓу актерот/изведувачот и гледачот – вели таа. Според Стојаноска, „Последната лента на Крап“ е силно ефективно театарско уметничко дело, во кое актерот, пред сè, потоа и режисер и продуцент, Ѓорѓи Јолевски ни покажува кои се вистинските вредности на театарот и дека за тоа ви треба само еден човек што игра и еден што гледа.
Comments