Бекер за болниот пораз на Федерер: Не сум сигурен дека ќе го видиме големиот човек повторно на Вимбл
Рожер Федерер за првпат во кариерата загуби еден сет без да освои гејм на Вимблдон, издание кое отвори голема дебата во тениската јавноста за негово можно повлекување од тенисот по крајот на оваа сезона. Швајцарскиот маестро загуби од Хуберт Хуркач со максимални 3:0 во сетови и во последниот резултатот беше 6:0, па иако на претходните четири меча изгледаше доста добро на моменти, денеска одигра катастрофален меч и имаше навистина големи грешки од форхенд страната. Разочарувачката игра во третиот сет ги натера експертите да зборуваат дека ова може да биде негово последно учество на Вимблдон во кариерата, тема која ја отвори и Борис Бекер веднаш по тешкиот пораз во четвртфиналето од Полјакот. – Она што мора да се потенцира е големиот број грешки и погрешни проценки на топчето, ова беа нетипични потези од Федерер, а особено во последниот сет кој го загуби со 6:0. Никогаш не сме виделе да не освои гејм на централниот терен на Вимблдон, искрено, не знам дали повторно ќе го видиме големиот човек тука во иднина. – Нормално е да се прават грешки, но Федерер е перфекционист. Направи многу грешки, а добар дел од нив беа навистина големи грешки. Тајмингот му беше комплетно погрешен, доцнеше на топките. Тоа може да ви се случи во гејм или два, но него тоа му се случуваше цел меч. Може да се прашуваме што му се случи, но тоа што ние го знаеме е дека времето не стои и годините не стојат кај ниту еден маж и кај ниту една жена. Искрено, се надевам дека повторно ќе го видам тука на Вимблдон, но не сум сигурен. Не сакам последниот сет на Вимблдон да му биде загубен со 6:0, – изјави за „Би-Би-Си“ легендарниот Германец по поразот на Рожер од 6:3, 7:6 и 6:0.
Comments