Бекер: Големата тројка? Остана само последниот Мохиканец
27.08.2021 Avgust Petok
Пред нас е последниот грен слем турнир за 2021 година, отвореното првенство на САД или поточно популарниот Ју-Ес Опен.
Ова е турнир на кој за жал нема да настапат многу добро познати имиња, големи шампиони од кои секако се издвојуваат Рафаел Надал и Рожер Федерер. Тие поради повреди мораа да се откажат, па во ваква ситуација апсолурен фаворит за трофејот е Новак Ѓоковиќ кој ако слави ќе дојде до календарски грен слем, но и до 21 титула на најголемите настани со што ќе стане рекордер во машка конкуренција.
Околу оваа тема, големата тројка (Новак, Надал и Федерер) проговори легендарниот Борис Бекер кој е загрижен за Швајцарецот и Шпанецот, а притоа го опиша Ноле како последниот Мохиканец.
-Секогаш сме зборувале за смена на генерациите и колку од нив тројцата ќе можат да играат. Остана последниот Мохиканец – тоа е Новак Ѓоковиќ кој има извонредна сезона, -рече Бекер и продолжи.
-Рожер ја заврши сезоната по третата операција на коленото – на 40 -годишна возраст, ви треба повеќе време за да закрепнете. Големо прашање е дали ќе се врати. Само тој го знае одговорот. Сакам целосно да се опорави, тоа е најважно. Тој веќе освои толку многу, не мора веќе никому ништо да докажува.
-Мора да се грижите за здравјето на Надал. Физички се троши на секој натпревар. Времето не застанува, навивачите на Надал мора да го прифатат фактот дека тој нема да игра засекогаш, -порача големиот германски ас.
Comments