Бекам решен да го засили Интер Мајами со бек на Реал Мадрид
Интер Мајами има кратка историја во МЛС, но неговиот косопственик Дејвид Бекам има големи амбиции, вклучувајќи ги и трансферите со квалитетни и докажани фудбалери.
Сезонава во тимот на Интер Мајами се Блас Матуиди и Гонзало Игуаин, а Бекам е решен во Мајами да го доведе и Марсело од Реал Мадрид.
Левиот бек кој наскоро ќе наполни 33 години веќе не е во прв план кај Зинедин Зидан и воопшто клубот, па затоа и шпанските медиуми велат дека и самиот ќе прифати раскин на договорот, една година пред неговото истекување.
Марсело не сака да му биде товар на Реал, тука е Ферлан Менди, а веќе е јасно дека Зидан има голема доверба во младиот Мигел Гутиерез, кој започна да се наметнува како иднина на екипата на оваа позиција.
Бразилецот кратко му беше соиграч на Бекам во Реал Мадрид, па оттаму тие се добри пријатели, а поранешната англиска ѕвезда смета дека со играч како Марсело дополнително ќе го подобри имиџот на клубот, што има влијание и на популарноста меѓу фановите, но и спонзорите.
Comments