top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Бедем“ – концерт на Филхармонија со виолинистката Леиа Зу

Оркестарот на Филхармонија, на 9 март, со почеток во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Бедем“ на кој како солистка ќе настапи една од најперспективните виолинистки на светската музичка сцена – Леиа Зу (Кина/Англија). Диригентка е Ребека Тонг (Индонезија/САД), а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и два става од композицијата „Robert’s suite“ на македонската авторка Бете Илин, кои премиерно ќе прозвучат на овој концерт.

Опусот на македонската композиторка Бете Илин (1982) опфаќа голем број вокални дела (соло песни и хорска музика) и инструментална музика (дела за соло инструменти, за разни камерни ансамбли и симфониски оркестар). Во 2018 година, композиторката Бете Илин првпат се сретнува со творештвото на американскиот писател Роберт Грин. Импресионирана од неговите бестселери ја создава композицијата „Robert’s suite“ (2020), која има четири става. Секој став е насловен според книгите на овој познат автор. Вториот став „Заведување“ е инспириран од книгата „Уметност на заведувањето“. Четвртиот став е инспириран од книгата „Мајсторство“, во која Роберт Грин пишува за различни нешта кои му помогнале да го трасира патот до мајсторството во неговата професија.

Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта.

Младата виолинистка Леиа Зу (2006) како солистка настапувала со повеќе светски симфониски оркестри, како и на музички подиуми како „Моцартеум“ (Австрија), „Јехуди Мењухин“ (Белгија), Театарот на Филхармонијата во Одеса (Украина), конзерваториумот „Џузепе Верди“ (Италија).


1 view

Comments


bottom of page