top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Бевме најдобри кога беше најважно, во последните три меча на ЕП“

Updated: Feb 2, 2022

01.02.2022 Januari Vtornik

ЏИМ ГОТФРИДСОН, НАЈДОБАР РАКОМЕТАР НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО 2022

Селекцијата на Шведска во финалето на Европското првенство (ЕП) во ракомет за мажи, во Будимпешта, минимално го совлада бранителот на титулата Шпанија, со 27-26. Постот на Шведска траеше две децении (од ЕП 2002), но европската круна се враќа во земјата на трите круни. За Шведска е ова петта титула и е рекордер, а Шпанија не успеа да ја освои својата трета титула, и тоа во низа, со што ќе се израмнеше со Шведска со три триумфа по ред (од 1998 до 2002 година).

Шведска до титулата стигна со гол од седмерец во последната секунда на мечот, а јунак беше десното крило на Кил, Никлас Екберг, кој претходно не играше седум дена поради ковид-19.

– Не размислував многу пред седмерецот, не сакав да ѝ дадам шанса на нервозата да ме запре. Само ја зедов топката, шутнав каде што видов дека треба и мрежата се затресе – рече Екберг.

Омар Инги Магнусон од Исланд е најдобар стрелец на ЕП 2022 со 59 гола, па останува рекордот од 65 гола на Данецот Сандер Сагосен од ЕП 2020.

Селекторот на Шведска, Норвежанецот Глен Солберг, кој е на клупата од 2020 година, е вториот странски селектор што освоил титула со друга држава. Тој го повтори успехот на Исланѓанецот Дагур Сигуртсон, кој триумфира со Германија во 2016 година. Солберг е осмиот селектор што го освоил ЕП за мажи. Пред него тоа го сторија Бенгт Јохансон (четири пати), Клод Онеста (трипати), Жорди Рибера (двапати), Урлих Вилбек (двапати), Владимир Максимов, Хајнел Брант и Дагур Сигурдсон (по еднаш).

Голманот на Шведска, Андреас Паличка, имаше одлични настапи во полуфиналето и во финалето на ова ЕП и има голема заслуга за освоеното злато.

– Мислам дека сум на работ на шок по сѐ што се случи. Како дете никогаш не плачев толку многу како сега, бидејќи не можев да сонувам дека тоа ќе ми се случи во животот – изјави Паличка.

За најдобар играч (МВП) на првенството е прогласен Швеѓанецот Џим Готфридсон, кој брилијантно ја организираше играта на новиот првак. Средниот бек на Шведска постигна 33 гола, а имаше и 47 асистенции. За него ова е второ признание МВП, по тоа на ЕП 2018, кога Шведска загуби во финалето од Шпанија. Само Хрватот Ивано Балиќ (2004 и 2006 година) и Французинот Никола Карабатиќ (2008 и 2014-та) имаат по два МВП-трофеја.

– Едноставно бевме најдобри кога беше најважно, во последните три натпревари на ЕП – кратко прокоментира Готфридсон.

Во мечот за третото место, актуелниот светски првак Данска ја совлада Франција со 35-32, но дури по продолжението од двапати по пет минути, откако резултатот во регуларниот дел беше 29-29.

Македонија на ова ЕП 2022 го освои 22-то место од вкупно 24 репрезентации.

ТИМ НА ПРВЕНСТВОТО

ПОЗИЦИЈА ИМЕ ДРЖАВА

голман Виктор Гисли Халгримсон Исланд

десно крило Алеиш Гомеш Шпанија

лево Крило Матијас Гидсел Данска

десен бек Микел Хансен Данска

среден бек Лук Стеинс Холандија

лево крило Милош Вујовиќ Црна Гора

пикер Јоханес Гола Германија

дефанзивец Оскар Брегендал Шведска

МВП Џим Готфридсон Шведска

ПЛАСМАН НА ЕП 2022

1. Шведска

2. Шпанија

3. Данска

4. Франција

5. Норвешка

6. Исланд

7. Германија

8. Хрватска

9. Русија

10. Холандија

11. Црна Гора

12. Полска

13. Чешка

14. Србија

15. Унгарија

16. Словенија

17. Белорусија

18. Словачка

19. Португалија

20. Австрија

21. Литванија

22. Македонија

23. БиХ

24. Украина

ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ

Шведска 5

Франција 3

Шпанија 2

Данска 2

Германија 2

Русија 1


1 view

Comments


bottom of page