Бајиќ: Ќе ме радува ако на репрезентацијата ѝ се приклучат сите повикани играчи
КОШАРКА – ПРЕД ДУЕЛИТЕ СО ГРУЗИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП
Некои нови имиња во репрезентацијата од тие што беа и порано на списокот, мислам дека ќе нема. Состојбата е специфична, оти претходно се игра и Купот на Македонија, па ќе видиме каква ќе биде ситуацијата по Купот. Не знам кој од повиканите играчи на списокот ќе го потврди своето присуство, па деновиве ќе разговараме и по тоа прашање. Собирот на репрезентативците е ден по завршувањето на Купот, на 21 февруари, а веќе на 22 февруари заминуваме за Тбилиси, изјави за „Нова Македонија“ македонскиот селектор Драган Бајиќ, во пресрет на двата квалификациски дуела против Грузија, за пласман за на Светското првенство (СП) во 2023 година. Како и македонската селекција, така и грузиската се соочува со играчки проблеми, односно да не настапи комплетна. Капитенот на Грузијците, Торнике Шенгелија (30), можеби нема да игра на натпреварите со Македонија. Тој поради повреда на мускулот на коленото отсуствуваше три меча за ЦСКА во Евролигата.
– Грузија е квалитетна репрезентација, а главни носители на играта се капитенот Корнике Шенгелија, бекот Тадеус Мекфејден и центарот Гиорги Шермадини. Кој и да недостига од нив, ќе биде само плус за нас. Не знам дали ќе игра или не Шенгелија, но во моментов сметам дека не треба да размислуваме за тоа, туку треба да се фокусираме на нас самите, а тоа е кој сѐ ќе биде подготвен да игра и како ќе им се спротивставиме. Ќе ме радува ако на репрезентацијата ѝ се приклучат сите повикани играчи. Во секој случај, ќе биде многу тешко гостување – вели Бајиќ. Македонскиот селектор, сепак, е оптимист пред дуелите со Грузија, од кој вториот се игра во Скопје на 27 февруари. – Оптимист сум, како што сум впрочем и секогаш во спортот. Кога е во прашање македонската репрезентација, тука нема предавање и сите што ќе играат ќе го дадат максимумот во двата меча со Грузијците. Ме радува фактот што Војдан Стојановски се врати на паркетот. Самото негово присуство во репрезентативниот дрес многу ќе ни значи, без разлика во каква форма е моментно. Но не е добро што неговиот брат Дамјан го повреди скочниот зглоб, па ќе видиме во каква состојба ќе биде за тие натпревари. Стојан Ѓуровски сѐ уште не почнал да игра, па ќе видиме и со него каква ќе биде состојбата. Откако сум во репрезентацијата, постојано ми недостигаат по пет-шест играчи поради повреди. Кога би се собрале сите што ми недостигаат, тогаш навистина би можеле да го видиме нашиот прав квалитет – додава Бајиќ. Во квалификациите за СП во 2023 година, Македонија игра во групата Г, заедно со Шпанија, Грузија и Украина. Грузија одигра два дуела досега, ја победи Украина дома, со 88-83, а загуби на гостувањето кај Шпанија, со 61-89. Македонија, пак, загуби во Скопје од Шпанија (65-94), а на гости од Украина (61-78). Моментно во групата, Шпанија има четири бода, Грузија и Украина по три, а Македонија два бода. Во втората фаза квалификации ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи.
Comentarios