Бајиќ пред дуелот со Украина: Имаме обврска да дадеме се од себе
Македонската кошаркарска репрезентација е пред последниот испит во квалификациите за Светското првенство во 2023 година, средба против Украина на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“.
Ова е дуел кој доаѓа по тешкиот пораз против Шпанија во Сарагоса, па селекторот Драган Бајиќ се надева дека сите играчи кои ги има на располагање ќе дадат максумум и ќе го поправат впечатокот пред македонската публика.
-Доаѓа последното коло од овие квалификации, ги загубивме сите шанси, но имаме обврска пред домашните навивачи да го дадеме максимумот од себе и сигурно да го подобриме впечатокот од Шпанија со тоа што не можам да им замерам на играчите за борбеноста и на желбата. Eдноставно, имавме сериозен противник на спротивната страна и дека некои работи не може да се носат така лесно на натпреварите. А, тоа можеше да се види најмногу против Шпанија. Едноставно, енергетски не можевме да издржиме со таква репрезентација и самиот квалитет на играчите беше евидентен, -рече Бајиќ кој говореше за вечерашниот ривал.
-Украинците покажаа дека се добра репрезентација, ја совладаа Грузија во полн состав. Го контролираа цел натпревар. Сигурно е дека нè чека тешка задача. На момците им кажав, ако веќе губиме, мора да знаеме зошто губиме, а не тоа да биде без борба и без желба и без жар, -истакна селекторот кој најави дека се размислува за ангажман на уште еден натурализиран кошаркар…
-Ќе се обидеме да најдеме Американец на плејмејкер или на другите надворешни позиции каде сме хендикепирани. Сигурно е дека во иднина подобро ќе играме и ќе имаме подобри резултати, -порача предводникот на националниот тим.
Comentarios