Бах ја одложи посетата на Токио
ЛОИ – ПОРАДИ ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА ВО ЈАПОНИЈА
Поради зголемувањето на бројот на заразени лица со ковид-19 во јапонската престолнина и продолжената вонредна состојба до крајот на мај, одложена е посетата на претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, кој на 17 и 18 мај требаше да го посети Токио, соопшти Организацискиот комитет на Летните олимписки игри (ЛОИ). Официјални лица на ИОК, членови на Олимпискиот организациски комитет и јапонскиот премиер Јошихиде Суга, инсистираат Игрите да се одржат „во безбедна средина“. Минатиот месец организаторите на Игрите објавија список со правила за да се спречи ширењето на ковид-19, меѓу кои, им се забранува на странските навивачи присуство на трибините, додека, пак, одлуката за присуство на домашните гледачи ќе биде донесена во јуни.
На прашањето на парламентарната комисија, дали игрите ќе се одржат дури и ако се зголеми бројот на заразени, премиерот Јошихиде Суга изјави дека никогаш не го ставил прашањето за одржувањето на ЛОИ како приоритетно. – Никогаш не ги ставав Игрите на прво место. Мојот приоритет е да ги заштитам животите и здравјето на јапонската популација. Најважно е сепак да го спречиме ширење на вирусот – изјави Суга. Тој повтори дека ИОК го има последниот збор за судбината на ЛОИ во Токио, а улогата на јапонската влада е да преземе чекори за нивна безбедност. ЛОИ во Токио, кои беа одложени минатата година, треба да се одржат годинава од 23 јули до 8 август.
Comments