Барти: Чудо е што воопшто играв на Вимблдон
ТЕНИС
Австралиската тенисерка Ешли Барти (25), моментно првиот женски рекет во светот, триумфира на гранслем-турнирот Вимблдон, откако во финалето ја совлада 29-годишната Каролина Плишкова (рангирана 13-та) од Чешка со 6-3, 6-7, 6-3, по еден час и 59 минути игра. Првпат од 2012 година финалето се играше во три сета. Ова е втор гранслем-трофеј во кариерата за Барти, по оној на Ролан Гарос во 2019 година, а за Плишкова второ гранслем-финале (во 2016 година загуби на САД опен). Со оваа победа, Барти ја зголеми предноста на врвот на ВТА-листата и сега има 2.300 поени повеќе од Јапонката Наоми Осака. Победата на Барти доаѓа 10 години откако ја освои јуниорската титула на Вимблдон, со што стана прва австралиска шампионка по 41 година. – За тенисерите низ целиот свет, чувствувам дека Вимблдон е местото каде што во суштина се роди тенисот. Сѐ почна тука. Толку многу надежи и соништа дојдоа од тука – вели Барти, која рече дека било „чудо“ што играла на Вимблдон и дека нејзиниот тим ги чувал од неа шансите за навреме да закрепне од повредата, пишува „Би-би-си“. Таа треба да ја претставува Австралија на Летните олимписки игри во Токио и таа е убедена дека е во добра форма пред овој голем спортски настан. Вчера во машкото финале на Вимблдон играа Србинот Новак Ѓоковиќ и Италијанецот Матео Беретини.
Commentaires