Барди: Ќе се бориме до самиот крај, Македонија го заслужи второто место!
Updated: Nov 12, 2021
11.11.2021 Noemvri Cetvrtok
Македонските репрезентативци одиграа одличен натпревар и во Ерменија славеа со убедливи 0-5, а сега го чекаат исходот од натпреварот меѓу Романија и Исланд вечерва.
На прес-конференцијата по убедливото славје во Ереван, освен селекторот Милевски зборуваше и стрелецот на хет-трикот Енис Барди.
„Благодарен сум што дојдовме до ваква победа. Сметам дека сите претходни дуели беа како победи, бидејќи одигравме многу добро. Мотивацијата за капитенската лента не беше пресудна, за мене сите сме капитени и одговорни во репрезентацијата. Горд сум што сум дел од овој тим и што ја добив лентата. Пред мене беше еден Горан Пандев, научив доста од него. Сега дај Боже да продолжиме понатаму. Денес игравме како тим. Имавме дел од натпревареварот кога бевме во пад, Ерменија играше дома. Среќни сме за овој натпревар, но нашата концентрација е веднаш насочена кон Исланд. Не знам како ќе заврши дуелот меѓу Романија и Исланд, никогаш не треба да се предаваме. Ќе играме до крај за тоа второ место, јас сметам дека навистина го заслуживме. Долго работиме со Милевски, знаеме што бара и каков карактер има. По оваа победа сме полабави, сакаме да продолжиме вака. Неговата работа ќе се докаже сама. Ние многу добро го познаваме, а верувам дека ќе го направиме победничкиот менталитет. Среќен сум за хет-трикот, но многу поважен беше резултатот“, изјави Барди.
Последниот натпревар во квалификациите за Светското првенство Македонија ќе го одигра в недела против Исланд во Скопје. Сепак, за обезбедување на второто место мора да се чека кикс на Романија или вечерва против Исланѓаните или в недела со Лихтенштајн.
Comments